• недела, 22 декември 2024

Во Белгија почнува судскиот процес против 124 обвинети за меѓународна трговија со наркотици

Во Белгија почнува судскиот процес против 124 обвинети за меѓународна трговија со наркотици

Брисел, 18 декември 2023 (МИА) - Во Брисел денеска почнува судскиот процес против 124 обвинети за нелегален увоз и шверц на дрога, јавија локалните медиуми. Изрекувањето на пресудата се очекува кон средината на следната година.

Истрагата беше покрената откако полициските служби во Белгија, Холандија и Франција соработуваа за да упаднат во шифрирана телефонска мрежа. Во овој случај, осомничените сторители комуницирале преку телефони со отстранети камери, микрофони и сензори за локација, користејќи СМС пораки со сложена безбедносна шифра и можности за само бришење.

Обвинети се Белгијци, Албанци, Колумбијци и државјани на северноафриканските земји. Тие се товарат за трговија и дистрибуција на кокаин и марихуана. Во истрагата учествувале и безбедносните служби во Германија и Италија.

Утврдено е дека пратките со дрога пристигнале меѓу 2017 и 2022 година од Јужна Америка и Мароко и биле истоварени во пристаништата во Антверпен, Ротердам, Хамбург и Хавр.

- На дел од обвинетите ќе им се суди во отсуство, а останатите се во притвор од 2021 година, кога беше покрената најголемата операција во историјата на белгиската полиција, истакна министерот за правда Пол ван Тихелт.

Случајот ќе биде разгледан во старото седиште на НАТО во Брисел, кое претходно се користеше за судењето за нападите во белгискиот главен град во 2016 година. Локацијата е избрана поради можноста таму да се спроведуваат засилени безбедносни мерки. паг/

Фото: МИА архива



 

Остани поврзан