• сабота, 04 јануари 2025

Белгија бара од ЕУ дополнително време за доставување на нејзиниот буџетски план за 2025 година 

Белгија бара од ЕУ дополнително време за доставување на нејзиниот буџетски план за 2025 година 

Брисел, 2 јануари 2025 (МИА) - Белгија испрати писмо до Европската комисија со кое побара дополнително време за поднесување на нејзиниот Предлог-план за реализација на Буџетот за 2025 година, објави денеска белгискиот весник „Тајд“. 

Техничката Влада на Белгија на премиерот Александер Де Кро уште лани на 24 септември побара од Еврокомисијата да и го пролонгира рокот за доставување на буџетскиот план до крајот на 2024 година. 

Меѓутоа, според „Тајд“, на 26 минатиот месец новиот постојан претставник на Белгија при Европската Унија, Питер Мурс, поднел барање за ново пролонгирање на крајниот рок. 

Во писмото не е наведен конкретен датум до кој би бил продолжен крајниот рок, туку само се наведува дека е потребно дополнителни време „за да може да се подготви белгискиот среднорочен буџетски план“. 

Мурс потенцира дека Белгија „во блиска иднина“ би можела да подготви план „заснован на силна политичка посветеност од страна на новата Федерална влада“. 

Токму, распределбата на средствата во Буџетот за 2025 е едно од прашањата околу кое „се кршат копјата“ во шестмесечните преговори за формирање на новата Влада на Белгија. Партиите вклучени во преговорите изразуваат надеж дека конечниот договор за формирањето на новиот владин Кабинет би можеле да завршат до крајот на јануари. 

Инаку Белгија е под мониторинг на Европската комисија поради висината на буџетскиот дефицит, кој е над дозволеното ниво утврдено со фискалните правила на ЕУ. Лани во ноември Еврокомисијата препорача „засилен буџетски надзор“ на Белгија во следните четири години. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан