Бела куќа: САД се залагаат за хуманитарни паузи во Газа, но не и целосен прекин на огнот
- Портпаролот за национална безбедност Џон Кирби им рече на новинарите дека таквите паузи ќе бидат привремени и локализирани и инсистираше на тоа дека нема да го спречат Израел да се брани.
Вашингтон, 3 ноември 2023 (МИА) - Белата куќа ја разгледува можноста за воспоставување серија паузи во конфликтот меѓу Израел и Хамас за да им се помогне на луѓето да ја напуштат Газа и да се дозволи влез на хуманитарна помош, но го повтори своето противење на целосно примирје.
Портпаролот за национална безбедност Џон Кирби им рече на новинарите дека таквите паузи ќе бидат привремени и локализирани и инсистираше на тоа дека нема да го спречат Израел да се брани.
„Се обидуваме да ја истражиме идејата за воспоставување колку што се потребни паузи за да продолжиме со доставување помош и да продолжиме да се обидуваме да ги извлечеме луѓето, вклучително и заложниците“, им рече тој на новинарите на редовниот брифинг во Белата куќа.
Претседателот Џо Бајден во средата зборуваше за потребата од пауза за да се дозволи ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас, но тој одби да повика на целосен прекин на огнот.
Израел тврди дека негова цел се нападите врз Хамас, а не врз цивилите и ја обвинува групата дека користи цивили како жив штит.
Во речиси четиринеделното израелско бомбардирање на Појасот Газа како одмазда за смртоносните напади на Хамас во јужен Израел на 7 октомври убиени се најмалку 9.061 лице, главно жени и деца, според здравствените власти во енклавата контролирана од Хамас. ссм/
фото: архива