• понеделник, 23 декември 2024

Бела куќа: Бајден внимателно ги следи случувањата во Израел и Либан

Бела куќа: Бајден внимателно ги следи случувањата во Израел и Либан

Вашингтон, 25 август 2024 (МИА) - Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Шон Савит денеска изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден „внимателно ги следи случувањата во Израел и Либан“.

„Тој беше ангажиран во текот на целата вечер со неговиот тим за национална безбедност“, рече Савит, а пренесува „Тајмс оф Израел“.

Тој изјави дека по наредба на Бајден, американски официјални претставници се во континуирана комуникација со израелските партнери.

„Ќе продолжиме да го поддржуваме правото на Израел на самоодбрана и ќе продолжиме да работиме за регионална стабилност“, посочи Савит.

Либанската група Хезболах утринава соопшти дека извршила напад врз Израел како одговор на убиството на високиот командант на групата, Фуад Шукра минатиот месец и погодила 11 израелски воени локации.

Хезболах подоцна објави дека „првата фаза“ од нападот врз Израел е завршена и дека повеќе од 320 ракети и голем број беспилотни летала биле истрелани врз цели во северен Израел.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант објави дека прогласил вонредна состојба, а претставникот на израелските одбранбени сили контраадмирал Даниел Хагари изјави дека десетици израелски воени авиони нападнале цели во различни области на јужен Либан. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан