• петок, 20 декември 2024

Бектеши: Цените од септември нема да бидат референтни во намалувањето од минимум 10 отсто 

Бектеши: Цените од септември нема да бидат референтни во намалувањето од минимум 10 отсто 

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши вечерва изјави дека најавеното намалувањето на цените на одредени производи нема да биде од септемвриските и августовските цени туку од други месеци кога, како што вели имало пристојни цени. Бектеши најави дека следната недела во Собранието ќе биде доставено ново законско решение за нефер трговски практики.  

-Ниеден од трговците не знае кој ќе биде референтен датум, и со кои цени ќе се донесе одлуката во вторник во делот на намалување на цените на основните прехрамбени производи. Екслузивно можам да кажам дека нема да биде датум и цена која била во текот на септември оваа година, но и од месец август, рече Бектеши во емисијата Вин Вин на ТВ Телма. 

Министерот вели дека намалувањето на 10 отсто на цените ќе биде од месеци кога  имало пристојни цени и оти на тие цени ќе треба да се направи намалување од 10 отсто. Тоа денеска им било објаснето на сите ланци на супермаркети.   

Според него, ќе бидат земени предвид цени од месеци од оваа година кога важеле одредени мерки кога Владата се откажала од одредени давачки како царински, од ДДВ и слично. 

-Цените од септември нема да бидат реферетни во делот на намалувањето од минимум 10 отсто. Значи ако во март, да го земеме како пример, цената била сто денари и во септември била 150 денари, реферетна цена во намалувањето ќе биде 100 денари, нема да биде 150 денари. И врз тие сто денари треба да има минимум намалување од 10 отсто, појасни Бектеши.  

Министерот рече дека со одлуката ќе се овозможи намалување на 50-тина производи но не само од 10 отсто туку доколку се процени дека цените биле енормно зголемени, намалувањето може да биде и 15 отсто. Бектеши најави дека на неделна база ќе се следат сите движења на цените, посебно во прехранбената индустрија. 

Ова, како што кажа Бектеши е само прв чекор. Со ова не се предвидени безалкохолните, алкохолните и хигинеските производи и слично. Но потенцира дека  ако се забележи дека во други сектори се забележи дека има големо отстапување на цените, втор чекор ќе биде и барање. 

Министерот кажа дека денеска е подготвена одлуката и дека во неа нема да бидат подготвени сами цените туку ќе има обврска за сите вклучени во ланецот на трговијата, вклучувајќи ги и производителите за обврска да произведуваат и да снабдуваат минимум 70 отсто од количните кои ги снабдувале или ги произведувале претходниот месец. 

-Што значи ова? Дека одредени компании можат да одлучат да го намалт производството или, пак, да не ги снабдуваат согласно барањата и тоа што е потребно за малопродажбата, рече Бектеши. 

Министерот најави дека следната недела Владата во Собранието ќе испрати законско решение за нефер трговски практики, што било предлог на премиерот Димитар Ковачевски и на што заедно работеле со Бектеши. Ова ќе биде прво вакво законско решение кај нас и во регионот. 

Според Бектеши, со овој закон ќе се укинат многу давачки кои го оптоваруваат ланецот од производство па се до крајниот производ. 

Министерот изрази разочарување од работата на Државната комисија за конкуренција за која кажа дека при енормно зголемување на цените не реагирале и не направиле никакво истражување на пазарот или истрага. Најави дека во вторник на Државниот пазарен инспекторат ќе им се прошират ингеренциите.  

Во дебатната емисија соговорник на Бектеши беше потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска која рече дека за законот за не фер трговски практики зборувале на почетокот на годината токму таа и Бектеши и оти уште тогаш таа кажала дека тоа е една од причините поради кои имаме повисока инфлација од таа која можеби би требало да ја имаме. Сега, според неа, многу се доцни со се, а во Хрватска веќе е воведено, во Србија исто и тоа не е нешто ново во Европа туку го има од пред неколку години.

-Еве еден пример како ние доцниме со се, кај нас инфлацијата се случува токму како резултат на тоа што ние во континуитет влечеме проблеми од некои или погрешни одлуки од некој минат период, истакна, меѓу другото, Димитриеска Кочоска. ев/дма/

 

Остани поврзан