Бектеши: Со развој на рударството ќе се обезбеди повисок економски раст во државата
- Рударите се наш бесценет човечки ресурс, а рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој, порачува министерот за економија по повод 28 Август, Денот на рударите.
Скопје, 28 август 2023 (МИА) - Рударите се наш бесценет човечки ресурс, а рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој, порачува министерот за економија Крешник Бектеши, по повод 28 Август, Денот на рударите.
Во честитка до рударите Бектеши истакнува дека земјава има непроценливо природно богатство и затоа треба со особено внимание да се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас.
-Сепак, во изминатиов период се соочивме со сериозни предизвици во овој сектор особено од аспект на заштита на животната средина, што резултираше со законски измени со кои значително се зајакнува контролата над работата на концесионерите, но од друга страна, пак, се олеснува патот за компаниите кои сакаат да вложат во оваа индустрија и истовремено да ги почитуваат и применуваат највисоките стандарди за работа, овозможувајќи безбедност при работа на рударите кои се изложени на највисок ризик при работењето, вели Бектеши во честитката.
Нагласува дека Министерството за економија со несмалено темпо ќе ги продолжи планираните активности во рударството, обрнувајќи особено внимание на овој економски сегмент во насока на одржлив раст и развој, остварувајќи партнерски однос со човечкиот потенцијал кој работи во овој значаен економски сектор.
-На Владата и е особено значајно оваа гранка да се развива за да обезбеди економски раст за државата, но и перспективно да влијае врз секој сегмент на општеството, посочува Бектеши во честитката по повод Денот на рударите.вј/лв/
Фото: МИА архива