• среда, 20 ноември 2024

Бегај на ден пред почетокот на изборната кампања посака фер и непристрасен процес

Бегај на ден пред почетокот на изборната кампања посака фер и непристрасен процес
Тирана, 13 април 2023 (МИА) - Фер и непристрасен изборен процес, заснован на устав и закон, суштинска обврска кон државата,  е порака што претседателот на Албанија ја упати на ден пред почетокот на изборната кампања за локалните избори што ќе се одржат на 14 мај.
 
-Сметам дека оваа средба со вас денес е многу важна, бидејќи обезбедувањето изборни стандарди гарантира влада која ја претставува волјата на албанските граѓани. Правичниот и непристрасен процес е суштинска обврска кон земјата, изјави Бегај за медиумите.
 
Додаде дека со реформите во правосудството и почетокот на преговорите со ЕУ, земјата отворила нова страница во историјата на албанската демократија. 
 
- Демократските процеси во Албанија се изградени, развиени и зајакнати со придонесот на секој граѓанин ангажиран внатре и надвор од земјата. Институциите што ги застапувате имаат голема одговорност за презентација, управување и спроведување на целиот изборен процес, според стандардите,  рече Бегај.
 
Понатаму, во пораката упатена до албанските граѓани, шефот на државата ги повикува да ја искористат својата слободна волја. Секое заплашување или уцена, вели Бегај, треба да се осуди и казни.
 
-Изборите не се за политичките партии, туку за Албанија, за нејзините граѓани, ја завршува својата порака претседателот Бегај.
 
Неговата порака  доаѓа по средбата одржана во претседателската резиденција, со раководителите на институциите на изборната администрација, како и со претставници на дипломатскиот кор во земјава. 
 
На локалните избори, што во Албанија ќе се одржат на 14 мај, ќе учествуваат 48 политички партии со околу 22 илјади кандидати, кои претендираат да влезат во новата локалната власт во 61 општина. 
 
Изборната кампања официјално почнува утре и завршува на 12 мај на полноќ кога настапува изборниот молк. вт/сд/

Остани поврзан