• петок, 22 ноември 2024

Бајден: САД нема да водат Трета светска војна во Украина

Бајден: САД нема да водат Трета светска војна во Украина
Вашингтон, 11 март 2022 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден истакна дека САД нема да испратат копнени трупи во Украина, пренесува Си-Ен-Ен. - Нема да водиме Трета светска војна во Украина, рече Бајден откако повтори дека САД ги поддржуваат сојузниците во НАТО. Тој вети дека САД ќе го бранат секој дел од територијата на НАТО. Бајденнагласи дека „директен конфликт меѓу НАТО и Русија би бил Трета светска војна и тоа е нешто што мораме да го избегнеме по секоја цена“. Бајден рече дека САД веќе и испратиле на Украина противтенковско оружје и одбранбени системи способни да соборуваат авиони и хеликоптери. - Сепак, сакам да бидам јасен, ќе се погрижиме Украина да има оружје за одбрана од нападите на руските сили. Ќе им испратиме пари и храна за да ги спасиме животите на Украинците. Бегалците од Украина ќе ги примиме со раширени раце доколку тие дојдат овде, додаде Бајден. Бајден вели дека разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски речиси секој ден. Тој, исто така, ја истакна важноста на дејствувањето на САД и сојузниците во какви било потези за спротивставување на Кремљ. Американскиот претседател предупреди дека Русија „скапо ќе плати“ доколку употреби хемиско оружје во Украина и повтори дека сака да избегне директна конфронтација меѓу НАТО и Москва бидејќи тоа ќе предизвика Трета светска војна. Тој одби да ги пренесе информациите што ги имаат американските разузнавачки служби за тоа прашање. Западот е загрижен дека Москва би можела да употреби хемиско оружје во Украина. Русија, од друга страна, ги обвинува Вашингтон и Киев дека имаат лаборатории за производство на биолошко оружје во Украина, што двете земји го отфрлија. Обединетите нации соопштија дека немаат сознанија за постоење на каква било програма за развој на биолошко оружје во Украина, изјави денеска високиот претставник на ОН за разоружување пред Советот за безбедност. Американците се сомневаат дека Русија шири лаги со цел да ги „обвини другите за тоа што има намера тие да го направат“. ссм/

Остани поврзан