• петок, 22 ноември 2024

Бајден: Оруженото насилство ги уништува американските заедници

Бајден: Оруженото насилство ги уништува американските заедници

Вашингтон, 5 септември 2024 (МИА) - Пукањето во средното училиште градот Виндер, Џорџија, при што загинаа четири лица, претставува „уште едно ужасно потсетување дека насилството со оружје продолжува да ги уништува нашите заедници“, изјави синоќа претседателот на САД Џо Бајден.

-Џил и јас жалиме по оние чии животи беа прекинати поради бесмисленото насилство со оружје и мислиме на сите чии судбини засекогаш се променија, се вели во изјавата објавена од Белата куќа. „Ученици низ целата земја учат како да се скријат од заканите, наместо да учат да читаат и пишуваат. Нема да го прифатиме ова како нормално.“

Бајден изјави дека администрацијата ги координира своите активности со претставници на федералните, државните и локалните власти и изрази благодарност до вработените во службите за итни случаи кои го задржале осомничениот и спречиле понатамошни жртви.

-Моја лична цел стана да се запре оваа епидемија на насилство со оружје. Затоа потпишав двопартиски закон за иницијативата за безбедност на заедниците — најзначајниот закон за контрола на оружјето во последните децении, и применив десетици извршни мерки за повеќе  безбедност. Исто така, основав прва канцеларија за превенција на насилство со оружје во Белата куќа, под раководство на потпретседателката Харис. Постигнавме значаен напредок, но оваа криза бара уште поголеми напори, се вели во изјавата.

-По децении на недејствување, републиканците во Конгресот треба, конечно, да кажат „доволно е“ и да работат со демократите на донесување разумни закони за контрола на оружјето. Овие мерки нема да ги вратат оние што денеска трагично загинаа, но ќе помогнат да се спречи понатамошното насилство со оружје кое ги уништува семејствата, додаде Бајден. кб/ссм/

фото: архива

Остани поврзан