• сабота, 21 декември 2024

Бајден: Новиот трговски договор ЕУ-Велика Британија го отвора патот за големи американски инвестиции во Северна Ирска

Бајден: Новиот трговски договор ЕУ-Велика Британија го отвора патот за големи американски инвестиции во Северна Ирска

Белфаст, 12 април 2023 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Белфаст изјави дека трговскиот договор по Брегзит, кој Европската унија и Велика Британија го постигнаа на крајот на март, ќе доведе до значителни инвестиции во Северна Ирска од страна на големи американски компании.

Десетици водечки американски корпорации сакаат да дојдат и да инвестираат овде, истакна Бајден во говорот на Универзитетот во Белфаст.

Владата на британскиот премиер Риши Сунак и Европска Унија минатиот месец постигнаа договор познат како Трговска рамка Виндзор, со кој се предвидува олеснување на режимот за увоз и извоз на стоки меѓу Република Ирска и Северна Ирска без воведување строги гранични контроли, што би го зголемило ризикот од зголемување на тензиите во британската провинција.

Бајден пристигна во Белфаст на одбележување на 25-годишнината од Договорот од Велики петок, со кој заврши 30-годишниот крвав конфликт во Северна Ирска. Посетата на Бајден на Северна Ирска немаше да се случи доколку не беше договорена Трговската рамка Виндзор. Иднината на секој договор за слободна трговија помеѓу Обединетото Кралство и САД зависи и од одржувањето на Договорот од Велики петок.

- Британскиот премиер Виши Сунак и Бајден се обединети по прашањето за важноста на глобалните форуми, како што се средбите на лидерите од земјите на групите на најголемите и најразвиените економии во светот Г20 и Г7, да се користат за јасни пораки против обидите да се наметне „економска принуда и пазарна манипулација“, се наведува во соопштението од Кабинетот на британскиот премиер.

Исто така се посочува дека двајцата лидери се обединија околу ставот дека „манипулацијата на светските пазари од страна на авторитарни лидери ја покажува повеќе од кога било потребата од заеднички напори за поддршка на економската стабилност и безбедност на двете нации“. ми/

фото: ДПА

Остани поврзан