• понеделник, 23 декември 2024

Бајден на комеморација за масакрот во училиште во Тексас повторно повика за забрана на автоматското оружје

Бајден на комеморација за масакрот во училиште во Тексас повторно повика за забрана на автоматското оружје

Хјустон, 25 мај 2023 (МИА) – На комеморација во Белата куќа по повод првата годишнина од масовното убиство во училиштето во Увалде, во сојузната држава Тексас, американскиот претседател Џо Бајден го повтори својот повик за забрана за продажба на автоматско оружје.

Претседателот, во придружба на сопругата Џил, кажа дека тоа е „тежок ден“ за семејствата додека гореа 21 бела свеќа во спомен на 19-те деца и двајцата наставници кои беа убиени од 18-годишник во основното училиште Роб во Увалде.

-Важно е да се потсетиме, но и многу болно, рече 80-годишниот демократ, познат по своето сочувство за ожалостените семејства бидејќи и самиот изгубил мала ќерка и возрасен син.

Американскиот претседател повторно повика на усвојување на „разумни закони за огнено оружје“, особено за забрана за многу популарното полуавтоматско оружје од типот АР-15.

-Премногу места од секојдневниот живот станаа места на криминал во САД, предупреди претседателот, истакнувајќи дека огненото оружје сега е водечка причина за смрт кај децата во САД.

„Секаде го слушаме истото: Направи нешто, побогу, направи нешто!“, рече тој.

Но, неговиот повик, колку и да е сериозен, нема големи изгледи да донесе конкретни промени. Републиканците, кои контролираат еден од двата дома на Конгресот, се противат на какво било заострување на законите за оружје. сд/

Остани поврзан