• сабота, 21 декември 2024

Бајден и Макрон го поздравија спасувањето на четворицата израелски заложници во Појасот Газа

Бајден и Макрон го поздравија спасувањето на четворицата израелски заложници во Појасот Газа

Париз, 8 јуни 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон го поздравија спасувањето на четворицата заложници во Појасот Газа, кои беа ослободени денеска во операција на израелските специјални сили, јави ДПА.

Бајден, говорејќи на заедничката прес-конференција во Елисејската палата во Париз, рече дека САД ќе продолжат да работат додека сите заложници не се вратат дома.

Неговиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, во изјава за медиумите го поздрави ослободувањето на залжниците и ја пофали израелската војска.

- Ја пофалуваме работата на израелските безбедносни служби кои ја спроведоа оваа смела операција, рече Саливан.

Тој го повтори барањето на Вашингтон за постигнување договор за прекин на огнот, велејќи дека тоа „ќе обезбеди ослободување на сите преостанати заложници заедно со безбедносни гаранции за Израел и помош за невините цивили во Газа“.

И францускиот претседател Макрон повика за изнаоѓање начин за смирување на состојбата, но упати и критики за ситуацијата во Рафа, на југот на Газа. Тој рече дека бројот на загинати и повредени по девет месеци војна е неприфатлив.

- Неприфатливо е тоа што Израел не ги отвора сите гранични премини за хуманитарна помош, како што бара меѓународната заедница со месеци. Заедничките напори ќе бидат засилени за да се спречи регионален пожар, особено во Либан, рече Макрон.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан