Бајден во посета на Тексас, да се запознае со штетите од зимското невреме
- Претседателот на САД, Џо Бајден, денеска е во Тексас, за одблиску да се запознае со големината на штетите од катастрофалното невреме што ја зафати сојузната држава минатата недела.
Вашингтон, 26 февруари 2021 (МИА) - Претседателот на САД, Џо Бајден, денеска е во Тексас, за одблиску да се запознае со големината на штетите од катастрофалното невреме што ја зафати сојузната држава минатата недела.
Зимската бура во Тексас нанесе сериозни штети на објекти и компании, остави милиони луѓе без струја и чиста вода и ги однесе животите на најмалку дваесеттина лица.
Претседателот, заедно со првата дама, Џил Бајден, утринава од Вашингтон полетаа за Хјустон, каде шефот на државата се среќава со локални официјални лица, вклучително и со гувернерот републиканец, Грег Ебот, при што ќе се разгледува обновата на инфраструктурата на сојузната држава. Бајден ќе го посети и медицинскиот центар каде се врши вакцинација од Ковид-19.
Претседателот планира да изрази сочувство на тексашани и да ја потврди обврската за финансиска помош на Тексас од страна на Вашингтон. Според американските медиуми, Бајден исто така ќе одржи говор за опасностите од недоволното регулирање и може да повика на федерална контрола на електродистрибуцијата на државата.
-Сега сме фокусирани на помош на луѓето во сојузната држава, изјави синоќа на брифингот Џен Псаки, портпарол на Белата куќа. кб/