• понеделник, 23 декември 2024

Бајден: Ако ја напуштиме Украина, ќе се промени и динамиката на Балканот

Бајден: Ако ја напуштиме Украина, ќе се промени и динамиката на Балканот

Вашингтон, 20 јануари 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека доколку Конгресот не одобри дополнителна воена помош за Украина нестабилноста може да се прелее и низ Европа и отворено запрашува што може да се случи на Балканот, предупредувајќи дека таквата ситуација „ќе ја промени динамиката “.

Бајден ова го изјави синоќа во Белата куќа каде зборуваше за одбивањето на американскиот Конгрес да одобри дополнителна воена помош за Украина, пренесува Ен-Би-Си.

Според овој медиум, Бајден во неколку наврати, вклучително и за време на неговото обраќање до нацијата од Овалната соба, предупреди дека недостатокот на нова помош ќе биде ужасен за Украина и поширокиот светски поредок.

Во декември 2023 година, Белата куќа објави дека на Украина и се доставени последните достапни американски средства, а највисоките соработници на Бајден отворено им кажале на американските законодавци дека доколку Конгресот наскоро не одобри дополнителна воена помош за Украина, Русија би можела да ја добие војната за само неколку недели, а во најдобар случај за неколку месеци, додава американскиот портал.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан и директорката на Агенцијата за национална безбедност, Аврил Хејнс, предупредија дека не е случајно што Русија го започна најголемиот бран воздушни напади досега, во време кога американскиот Конгрес во текот на минатиот месец одби да одобри дополнителна воена помош за Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Бајден побараа од американскиот Конгрес да одобри нов пакет помош од 61,4 милијарди долари, но републиканците одбиваат да ја одобрат помошта без договор со демократите за зајакнување на безбедноста долж границата меѓу САД и Мексико.

Западните претставници проценуваат дека без дополнителна американска помош Украина прво би останала без ракети со долг дострел, потоа без противвоздушни ракети, а подоцна и без артилериска муниција и ракети со краток дострел, како што се противтенковските ракети „Џавелин“ и противвоздушните ракети „Стингер“ .

Од почетокот на војната во Украина  американскиот Конгрес одобри повеќе од 110 милијарди долари помош за Киев, но ниту цент не е одобрен откако републиканците ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом минатата година. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан