• сабота, 23 ноември 2024

Бабовски во Брисел на објаснувачкиот скрининг за Поглавјето 12

Бабовски во Брисел на објаснувачкиот скрининг за Поглавјето 12

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предводени од директорот Николче Бабовски, денеска и утре во Брисел, Белгија, учествуваат на вториот состанок со Европската Комисија за објаснувачкиот скрининг за Поглавјето 12 - Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, за преговори за членство на Република Северна Македонија во Европската унија (ЕУ). На состанокот учествуваат и претставници од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство - Државен инспекторат за земјоделство и Фитосанитарна управа.

-Како институција носител на надлежностите од Поглавјето 12, едно од најобемните, кое интегрира голем дел од европската легислатива од областа на безбедноста на храната, ветеринарна и фитосанитарната политика, Агенцијата за храна и ветеринарство во овие два дена, ќе ја презентира усогласеноста на националното законодавство со европското и неговата примена, кое е опфатено со ова поглавје. Презентиран ќе биде интегрираниот пристап во областа на безбедноста на храната во Република Северна Македонија, кој има за цел обезбедување на висок степен на безбедност за граѓаните, здравствената заштита и благосостојба на животните и здравјето на растенијата. Во текот на експланаторни/ објаснувачки сесии, подетално ќе се запознаеме со европските прописи и искуствата, нивната имплементација на ниво на Унијата, што е во прилог на нашата идна подготовка, како носители на Поглавјето 12, за следните фази од пристапните преговори, вели Бабовски.

На состанокот Европската Комисија ќе го презентира новото законодавство на ЕУ од ова преговарачко поглавје. Од посебен интерес за АХВ, додава Бабовски, е законодавството на ЕУ за здравствена заштита на животните и за официјални контроли од областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика, а на состанокот ќе се дискутира и за отворени прашања од технички, стратешки и појаснувачки карактер.

-Состанокот е настан од посебно значење, бидејќи на истиот се добиваат корисни информации од Европската Комисија за следниот чекор од процесот за преговори за членство на нашата земја во ЕУ, за билатералниот скрининг кој ќе се одржи во четвртиот квартал од годинава. По експланаторниот/објаснувачки, прелиминарен скрининг, како прв клучен чекор во подготовките за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, следува скринингот кој ќе го спроведе Европската комисија, како аналитичко испитување на усогласеноста со правото на ЕУ и за Поглавјето 12. Овој процес ќе овозможи Комисијата и земјите членки на ЕУ да го оценат степенот на подготвеност на нашата земја во областа на безбедноста на храната, ветеринарна и фитосанитарната политика, заклучува Бабовски и додава дека потоа, за соодветното поглавје, Советот ќе одлучи за почнување на преговорите, по препорака на Комисијата. мч/са/

Фото: АХВ

 

Остани поврзан