• понеделник, 23 декември 2024

Ахмети се сретна со амбасадорот Килијан Вал

Ахмети се сретна со амбасадорот Килијан Вал

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) -  Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска во седиштето на партијата се сретнал со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал.

Како што информира ДУИ, Ахмети и амбасадорот Вал разговарале за многу прашања во земјата и регионот, меѓу кои евроинтеграциите, приоритетите на ДУИ за земјата и граѓаните, легитимитетот, ситуацијата во Северна Македонија и Косово итн. 

Ахмети му порачал на Вал дека ДУИ, без никакво сомневање и со сите сили, останува недвосмислен промотор на европскиот дух и пријателството со Америка кај нас, па затоа, како што се наведува, преговарачката рамка со Европската Унија мора да ја спроведеме без одлагање.

- Партнерите во власта без етнички легитимитет ветија дека за три до шест месеци ќе го сменат Уставот. ДУИ нема да дозволи отстапување од европскиот пат и ќе инсистира на уставни измени бидејќи граѓаните се решени да станат дел од Европската унија. ДУИ не сака и нема да биде дел од оваа влада, туку води битка за национално достоинство од секојдневното погазување и за почитување на Охридскиот договор, како и евроатлантската ориентација на државата. Нас не нè интересира власта и под никакви околности оваа наша битка и битката на Албанците не е и нема да биде страст за власт. Потписниците на Охридскиот договор треба да бидат алармирани за овие сериозни нарушувања на меѓуетничките односи и еднаквост, се вели во соопштението од ДУИ.

Ахмети посочил дека Уставниот суд со прегласување по политичка наредба ја избришал, како што се наведува, етничката припадност, а на ред е и албанскиот јазик. 

- Овие одлуки се неприфатливи за нас. Во меѓувреме, во регионот, албанско-српското помирување со заемно признавање меѓу Косово и Србија е неопходност и само тоа ќе донесе мир, стабилност, безбедност и регион со перспектива, додека голем историски договор во регионот е потребен и за посветеност за незагрозување на територијалниот интегритет на Северна Македонија од нејзините соседи. Овие историски и визионерски процеси мора да ги гарантираат Соединетите Американски Држави и Европската Унија, стои во соопштението од ДУИ. мд/цр

Фото: ДУИ 

Остани поврзан