• понеделник, 23 декември 2024

АХВ во Куманово одржа обуки за вработените во кујните на градинките

АХВ во Куманово одржа обуки за вработените во кујните на градинките
Куманово, 6 април 2023 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска во Куманово реализираше обука за обновување и стекнување нови знаења од областа на безбедноста на храната во градинките за превенирање можни инциденти поврзани со храната, со единствена цел, заштита и унапредување на здравјето на децата во предучилишните установи.
 
На работилницата учествуваа претставници од градинките од Куманово и останатите пет општини од ссевероисточниот регион, старечкиот дом, општината и други институции и установи. Тие имаа можност да слушнат за подготовка на тендерите за храна, прием, подготовка и послужување на храна.

-Со обуките, акцентот е ставен на правилната примена на HACCP принципите за безбедност на храна, како и барањата за безбедност кои треба да бидат исполнети, а кои треба да бидат опфатени при подготовката на тендерската документација за набавка на храна за кујните во градинките, нагласуваат од АХВ.

Храната за децата во предучилишните установи, како што појаснуваат стручните од Агенцијата, треба да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на децата кои во оваа фаза од растот и развојот се најчувствителни на физички, микробиолошки и хемиските опасности. При подготовка на храната и при нејзината манипулација мора да се води сметка да бидат запазени највисоките критериум за безбедност и квалитет, односно да се следат нормите на принципите на добра хигиенска и добра производствена пракса. Според стручните, од исклучително голема важност е сите алки во синџирот на безбедна храна, започнувајќи од подготовката на тендерската документација да бидат подготвени и усогласени со одредбите од законските и подзаконските акти кои се однесуваат на безбедноста на храната. ам/мч/
 
Фото: МИА

Остани поврзан