Аун ги повика САД да извршат притисок врз Израел да ги повлече силите од Либан
- Претседателот на Либан, Џозеф Аун, денеска ја повика американската воена делегација да изврши притисок врз Израел да се повлече од областите кои сè уште ги контролира во Либан и да ги ослободи либанските затвореници.
Бејрут, 30 април 2025 (МИА) – Претседателот на Либан, Џозеф Аун, денеска ја повика американската воена делегација да изврши притисок врз Израел да се повлече од областите кои сè уште ги контролира во Либан и да ги ослободи либанските затвореници.
Аун ѝ рече на делегацијата на САД дека либанската војска ја врши својата работа долж границата со Израел, каде што трупите конфискуваат оружје и го спречуваат вооруженото присуство на Хезболах, пренесува Ал Џезира.
Израел во неделата изврши напад врз предградие на Бејрут, по што лидерот на Хезболах, Наим Касем, ја повика владата на Либан повеќе да работи на ставање крај на израелските напади во земјата.
Либанската влада претходно овој месец соопшти дека 190 луѓе се убиени, а 485 се повредени во израелски напади во Либан откако примирјето стапи во сила на 27 ноември.
Според договорот, Израел требаше да ги повлече војниците пет недели по примирјето, но потоа неколкупати дојде до одложување, по што Тел Авив, со поддршка на САД, одлучи да ја задржи војската на „стратешки“ позиции во Либан. јт/
Фото: МИА архива