• понеделник, 23 декември 2024

Атина со помош на ЕИБ ќе ги декарбонизира грчките острови  

Атина со помош на ЕИБ ќе ги декарбонизира грчките острови  

Брисел, 21 ноември 2024 (МИА) – Грција и Европската инвестициска банка (ЕИБ) денеска на Наксос потпишаа Договор за имплементација на националниот Фонд за декарбонизација на грчките острови, соопшти Европската комисија. 

Договорот го потпишаа грчкиот министер за животна средина и енергија Теодорос Скилакакис, извршниот потпретседател на Европската комисија за Европскиот зелен договор и за меѓуинституционални односи Марош Шефчович и вториот човек на ЕИБ, Јоанис Цакирис. 

Според Договорот, грчкиот Фонд за декарбонизација ќе се финансира преку аукции од Системот на ЕУ за тргување со емисии (ЕТС) во износ до 25 милиони евра, од кои над половина ќе бидат инвестирани за снабдување на островите со енергија од обновлива извори, пред се од фотоволтаични панели и системи на ветерници.  

- Фондот ќе ја поддржува и побарувачката и дистрибуцијата на енергија од обновливи извори преку разни проекти, како станици за полнење на електрични возила и електроенергетски интерконекции, информира ЕК. 

Целта на овие проекти е да и се помогне на Грција во климатската адаптација и градењето отпорност на екстремните временски појави, имајќи предвид земјата е една од најранливите членки на ЕУ кога станува збор за климатските ризици. 

Според Шефчович, овој Договор е клучна одредница за да се овозможи финансирање на инвестициите во декарбонизацијата на грчките острови.  

- Грција изработува амбициозно проектно портфолио, кое не само што ќе помогне во намалувањето на емисиите (на штетни гасови) и на зависноста од фосилни горива, туку и ќе генерира значителни социо-економски придобивки, рече Шефчович.  

Тој нагласи дека ова претставува одличен пример за тоа како средствата добиени од издавањето на дозволите за емисии на јаглерод можат да се користат за зелени инвестиции.  

- Комисијата е подготвена да продолжи да ја поддржува Грција за да се осигура дека климатската политика оди во чекор со правичната транзиција и индустриската конкурентност, додаде Шефчович. сп/ 

Фото: Кабинет на грчкиот премиер 

Остани поврзан