• недела, 22 декември 2024

Астрономот Бил Греј: Ракетата што ќе се судри со Месечината, не е на „Спејс-Икс“

Астрономот Бил Греј: Ракетата што ќе се судри со Месечината, не е на „Спејс-Икс“
Лос Анџелес, 14 февруари 2022 (МИА) - Астрономот Бил Греј во јануари изнесе податок дека дел од ракета „Фалкон 9“ на „Спејс-Икс“ ќе се судри во Месечината вo март, па тоа тврдење привлече големо внимание во стручната јавност и лавина критики од компанијата на Илон Маск. На крајот, по забелешка и на НАСА, Греј признава дека направил грешка во првичната проценка на вселенскиот отпад што тој и други астрономи во 2015 година го нарекоа „WE0913A“. Кога беше забележан објектот, неколку индиции го наведоа Греј дека тоа е дел од „Фалкон 9“ што го однесе сателитот „DSCOVR“ во орбитата таа година. Идентификацијата на телото веројатно би останала и незабележана во медиумите доколку астрономите не нагласеа дека тоа ќе се судри со природниот сателит на Земјата. - Во 2015 година, погрешно го идентификував овој објект како „2015-007B“ - втората одделувачка фаза на вселенското летало „DSCOVR“. Имав прилично добри докази за идентификација, но ништо дефинитивно. Тоа воопшто не е невообичаено, бидејќи идентификацијата на вселенскиот отпад бара детективска работа, а понекогаш и не можеме воопшто да го идентификуваме, изјави Греј. Но, можеби и немаше да го дознаеме вистинското потекло на овој вселенски отпад, да не беше инженерот на НАСА, Џон Џорџини. Тој го контактирал Греј и го информирал дека нивната анализа покажала дека движењето на вселенското летало „DSCOVR“ е далеку од Месечината. Затоа, би било невообичаено втората фаза на ракетата дотолку „да скршне“ од патеката. Греј сега тврди дека е прилично сигурен дека се работи за друга ракета - од Кина, што всушност ќе се судри со Месечината. Во октомври 2014 година, Кина ја лансираше ракетата „Долг марш 3-ц“ како дел од мисијата „Чанг’е 5-T1“, па Греј откри дека оваа ракета одговара на описот на онаа што ќе се судри со Месечината.  си/ссм/

Остани поврзан