• петок, 22 ноември 2024

АСОМ: Остануваме на ставот за покренување правни постапки по изгласувањето на предлог измените на Законот за игри на среќа

АСОМ: Остануваме на ставот за покренување правни постапки по изгласувањето на предлог измените на Законот за игри на среќа

Скопје, 9 февруари 2024

 

Почитувани,

 

Ние од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) ја известуваме јавноста и сите надлежни институции, дека по изгласувањето на предлог измените на Законот за игри на среќа со Европско знаме на редовна пленарна седница на 07.02.2024 г., сме подготвени да ги преземеме сите правни механизми за спречување на овој штетен закон кој ќе донесе сериозни последици за целата држава.

Во повеќе наврати и претходно изјавувавме дека ќе ги искористиме сите законски можности, меѓутоа сега, откако истиот единствено чека на потпис на претседателот Стево Пендаровски, сакаме да порачаме дека остануваме на ставот за покренување правни постапки, и тоа за злоупотреба на европското знаменце при целиот процес.

Овој закон, без соодветна анализа, истражување и користење на факти и аргументи, а под притисокот на одредени структури кои имаат единствено личен бизнис интерес од овие измени, се истурка под „капата“ на ЕУ, кога е повеќе од јасно дека за негово донесување не постоеше никаква европска директива.

Да појасниме, самата потреба од европско знаменце при законските постапки, значи дека се ускратува и постапката од јавна расправа. Ние како директно засегнати, сите приредувачи на игри на среќа, не бевме во можност да ги дадеме своите забелешки и коментари на законот. Истиот не беше објавен на ЕНЕР и не беше испочитувана редовната постапка за донесување на еден закон, со што практично беше целосно оневозможено нашето право за јавна дебата. Притоа, во предложените измени воопшто и немаше усогласување на одредбите од Законот за игри на среќа со некоја ЕУ директива, па оттука, се сомневаме на начинот на кој е спроведена целата постапка и сметаме дека ова е класична злоупотреба на европското знаменце.

Затоа повторуваме дека сме подготвени да ги преземеме сите можности во рамки на законот, дури ако е потребно и кривични пријави за да се докаже злоупотребата на европското знаменце. Воедно, сметаме дека постојат и одредби кои не се усогласени со Уставот, па затоа сме подготвени да поднесеме постапка и пред Уставен суд.

Асоцијација на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ)

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан