• недела, 17 ноември 2024

АСЕАН: Крајно сме загрижени поради актуелното насилство во Мјанмар

АСЕАН: Крајно сме загрижени поради актуелното насилство во Мјанмар

Џакарта, 10 мај 2023 (МИА) - Лидерите на Сојузот на држави од Југоисточна Азија (АСЕАН) денеска соопштија дека се „екстремно загрижени“ поради насилството во Мјанмар и го осудија неодамнешниот напад врз конвојот со хуманитарна помош во земјата.

„Ние сме крајно загрижени за тековното насилство во Мјанмар и повикуваме на итен прекин на сите форми на насилство и употреба на сила со цел да се создадат неопходни услови за испорака на (...) хуманитарна помош и за инклузивен национален дијалог“, се истакнува во соопштението на таа регионалната група, која до четврток одржува средба на врвот.

По вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на организацијата, регионалните лидери денеска го започнаа дводневниот самит на островот Флорес во источна Индонезија. На отворањето, индонезискиот претседател ги повика колегите на „единство“ за да можат да се справат со предизвиците со кои се соочува групата од десет земји.

„Доколку е обединет, АСЕАН ќе игра голема улога во постигнувањето мир и раст“, ​​посочи тој. АСЕАН, критикуван за својата пасивност, се обиде да ја реши кризата во Мјанмар преку дипломатски канали. Но, неговите напори досега не дадоа резултати, додека воената хунта во Мјанмар не се грижи за меѓународните осуди и одбива дијалог со противниците на воениот режим.

Во средината на април, најмалку 170 луѓе беа убиени во смртоносни воздушни напади околу Сагаинг, во центарот на Мјанмар. Притисокот врз регионалната алијанса се засили откако конвојот со дипломати и лидери кои доставуваа хуманитарна помош обезбедуван од АСЕАН се најде под вкрстен оган во источен Мјанмар.

Нема жртви во конвојот, во кој имало двајца претставници на индонезиската амбасада и двајца претставници на Сингапур во Јангон.

Мјанмар останува членка на АСЕАН, но доби забрана за присуство на состаноци на високо ниво поради неуспехот да го спроведе планот за решавање на кризата што ја зафати земјата. ссм/

фото: ДПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан