• вторник, 05 ноември 2024

Архиепископ Стефан: Името на Црквата никогаш не изразува етничка припадност

Архиепископ Стефан: Името на Црквата никогаш не изразува етничка припадност
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) - Името на една црква никогаш не изразува етничка припадност, вели поглаварот на Македонската православна црква Охридска Архиепископија, господин господин Стефан. Во интервју за Радио Слободна Европа, тој изразува надеж дека обзнанувањето на Томосот за автокефалност ќе биде доделен во многу блиско време. -Во периодот што е пред нас, а мојата надеж е тоа да биде во блиско време, треба да се дојде до конечното добивање на Томосот за нашата автокефалност од Вселенската Патријаршија. Таквиот Томос има општоправославно значење. Веројатно ќе следи писмена кореспонденција, можеби и средба за договарање на формалностите, како и за времето и местото на обзнанувањето на Томосот. Секако, сè ќе произлезе како став и одлука на полнотата на нашата Црква – олицетворена во Соборот на нашата јерархија, вели поглаварот на МПЦ-ОА. Во однос на тоа под кое име МПЦ -ОА ќе биде заведена во диптихот на Православните цркви што го води Вселенската патријаршија, архиепискотот Стефан  посочува дека името на Црквата никогаш не изразува етничка припадност изразувајќи уверување дека никој нема потреба ниту интерес за мешање во нашите внатрешни работи и внатрешното уредување. -Станува збор за еклисиолошкото име со кое секоја Помесна Црква е заведена во општиот православен список, наречен диптих. Вообичаено тоа е името на центарот, или на градот-полис на територија што ја зазема Црквата, или на историската катедра, со посочување на современата територија каде што се простира јурисдикцијата во дадениот момент. Секако, историски, јурисдикциската територија се менувала во зависност од околностите, што исто така требало да е потврдено и озваничено со документ од меродавниот орган, а не со еднострана иницијатива. Во оваа смисла, Грчката православна црква е заведена со еклисолошкото име – Атинска Архиепископија и нејзината територија се протегала во границите на тогашната Грчка држава. И друго појаснување во оваа насока: името на Црквата никогаш не изразува етничка припадност. Православието не познава „ни Елини, ни Јудејци..., ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос“ (Кол. 3,11). Всушност, Христос сите „нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе“ (Откр. 5,9). Верувам, во овој контекст, дека никој нема потреба ниту интерес за мешање во нашите внатрешни работи и внатрешното уредување, особено ако јасно се изразени и потврдени позициите, објаснува поглаварот на МПЦ-ОА. Тој укажува и дека актот на Вселенска Патријаршија го третираше прашањето на територијата што ѝ припаѓа на современата Охридската Архиепископија, олицетворена во поново време како МПЦ, во границите на современата македонска држава. Ваквиот пристап, посочува, е присутен во сите Томоси за автокефалност на Помесните Цркви, доделувани на секоја во свое време. Тоа значи дека ниедна Црква нема право да има јурисдикција надвор од границите што ѝ се потврдени. -Овде само ќе го повторам нашиот синодски став, јавно изразен, дека ние ниту ја бараме славата на историската Охридска Архиепископија, ниту имаме претензии кон нејзините историски територии, кои денес се дел од соседните земји или од територијата на соседните Православни Цркви. Но сметаме дека правата на малцинствата и во некои од соседните земји треба да се третираат според европските стандарди. Што се однесува до прашањето за дијаспората, ние не сме направиле никаков грев, туку следејќи го примерот на другите Цркви – сме ја обединиле и уредиле македонската дијаспора по примерот што сме го виделе. А тоа било потребно и поради некои националистички настроености, како одговор на продолжените обиди за присвојување на нашинците и во тие нови татковини итн. А решавањето на статусот на македонската дијаспора, веројатно, ќе биде заедно со сите црковно-организирани иселени народи надвор од своите татковини, вели архиепискотот Охридкси и Македонски г.г. Стефан.лв/

Остани поврзан