• петок, 22 ноември 2024

Апел од Бигорски манастир да не се користат мобилни телефони на Пасхалната служба

Апел од Бигорски манастир да не се користат мобилни телефони на Пасхалната служба
Дебар, 23 аpрил 2022 (МИА) - Во пресрет на најсветите мигови на Христовото Воскресение, и најголемата радост која му се случува на човечкиот род, свештената Бигорска обител испраќа апел до сите верници кои вечерва ќе земат удел во Пасхалната богослужба, да се воздржат од користење на мобилни телефони за време на службата.
- Сликањето со мобилни телефони го уништува молитвениот амбиент и ја одзема духовната димензија на богослужбата, претворајќи ја во евтина атракција, подобна на световните настани и манифестации. Затоа во тој контекст, би ви биле благодарни доколку и самите ја согледате штетноста на оваа, во последно време доста актуелна навика и во иднина ја отфрлите, стои во апелот.
На тој начин, се додава  и вие ќе имате поголема полза од богослужбата, а и на верните околу вас ќе им овозможите со поголем мир молитвено да учествуваат во неа.
- Уште еднаш апелираме да се почитува светоста на богослужбата, да не се фотографира со мобилни телефони, затоа што манастирот си има свои официјални фотографи и сите ќе имате можност подоцна да видите фотографии од тие благодатни моменти, што не би ги ни доживеале доколку во рацете држите мобилни. Надевајќи се дека ќе го почитувате овој апел, на сите ви посакуваме добра Пасха, се наведува во апелот на Бигорски манастир, каде вечерва има повеќе стотици верници од многу места во државава. вт/са/

Остани поврзан