• понеделник, 23 декември 2024

Апелациониот суд му дозволи на Брејвик повторно да ја тужи државата Норвешка

Апелациониот суд му дозволи на Брејвик повторно да ја тужи државата Норвешка

Осло, 28 мај 2024 (МИА) - Апелациониот суд во Норвешка му дозволи на Андерс Брејвик, кој беше осуден на 21 година затвор за убиство на 77 лица во два одвоени напади во 2011 година, повторно да ја тужи државата поради наводно прекршување на неговите права додека ја отслужуваше затворската казна, објави весникот Афтенпостен.

Окружниот суд во Осло ја отфрли тужбата на Брејвик во февруари, а Апелациониот суд сега го врати неговиот случај на понизок суд за повторно разгледување.

Засега не се знае кога ќе се одржи ново судење за тужбата на Брејвик.

Во јануари, 45-годишниот Брејвик ја тужеше норвешката држава за наводно кршење на неговите човекови права затоа што е во самица во затвор и неговата кореспонденција е ограничена.

Неговите адвокати тврдеа дека Норвешка ја прекршува Европската конвенција за човекови права.

Во 2011 година, Брејвик прво активираше автомобил-бомба во близина на кабинетот на премиерот во Осло, при што загинаа осум лица, а потоа со автомобил се упати кон островот Утоја и уби 69 луѓе таму во младинскиот камп на Лабуристичката партија.

Во 2012 година беше прогласен за виновен за тероризам и осуден на максимална казна во Норвешка - 21 година затвор, која може да се продолжи на неодредено време. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан