• понеделник, 18 ноември 2024

Апелационен суд Скопје: Досегашното постапување од страна на судечкиот совет за случајот „ТНТ“ е согласно одредбите од ЗКП

Апелационен суд Скопје: Досегашното постапување од страна на судечкиот совет за случајот „ТНТ“ е согласно одредбите од ЗКП

Скопје, 5 ноември 2023 

Во врска со наводите истакнати на прес конференција одржана на 05.11.2023 година, од страна на ТД ФИНЕ Скопје, Апелациониот суд Скопје, во интерес на вистината и објективното и транспарентно информирање на јавноста во врска со постапувањето на судечкиот совет по посочениот предмет КОКЖ-157/22, во јавноста познат како „ТНТ“ ги презентира следниве факти:

По одржаната јавна седница на ден 08.05.2023 година, во тек на процесот на донесување на одлука, членовите на советот разгледувајќи ги жалбите на повеќе заседанија, се впуштија во оцена на основаноста на жалбените наводи, а со оглед дека се работи за обемен и комплексен предмет, со огромен број докази, и пред мериторно одлучување, поради констатираните неусогласености помеѓу записникот за советување и гласање на првостепениот суд и изворникот на првостепената пресуда со писмениот отправок на изготвената пресуда во делот на изречената казна на еден од обвинетите, како и во делот на засметување на притворот во изречените казни, на заседанието одржано на ден 11.07.2023 година, членовите на судечкиот совет одлучиле предметот со сите списи административно да се врати на првостепениот суд заради отстранување на горенаведените неусогласености кои претставуваат процесна пречка за донесување на второстепена одлука.

Првостепениот суд постапувајќи по административното враќање на списи на овој суд, на 01.09.2023 година донел Решение за исправка коешто е експедирано до странките на 11.09.2023 година. По комплетирање на списите на предметот на ден 05.10.2023 година, истиот повторно е доставен до Апелациониот суд Скопје, по што на 06.10.2023 година е испратен на мислење по изјавените жалби на пресудата до Вишото јавно обвинителство Скопје, чиј предлог е примен во Судот на 12.10.2023 година, по што веднаш е закажана јавна седница за ден 06.11.2023 година, на барање на странките.

Досегашното постапување од страна на судечкиот совет е согласно одредбите од ЗКП и во овој момент, поради закажаната јавна седница, други детали за предметот не може да се изнесат во јавност.

Поради зголемен интерес на јавноста, Апелациониот суд Скопје ќе обезбеди услови за следење на седницата за заинтересираната јавност и медиумите.

Во врска со наводите истакнати на прес конференција одржана на 05.11.2023 година, од страна на ТД ФИНЕ Скопје, Апелациониот суд Скопје, во интерес на вистината и објективното и транспарентно информирање на јавноста во врска со постапувањето на Судот по посочениот предмет КОКЖ-157/22, во јавноста познат како „ТНТ“ ги презентира следниве факти:

На ден 30.11.2022 година, во Апелациониот суд Скопје е примен и заведен предметот КОКЖ-157/22 кој веднаш преку АКМИС е доделен во работа на судија известител Енвер Беџети, кој согласно Годишниот распоред за работа на судските совети за 2022 година е распореден да постапува, меѓу другото, и по предмети од организиран криминал.

На ден 29.12.2022 година, тогашниот в.д. претседател на Судот, судија Лидија Димчевска по одржана Седница на судии, донела Годишен распоред за работа на судските совети за 2023 година, со кој судијата Ѓоко Ристов во Кривичниот оддел на Судот е распореден да претседава со совет од петмина судии.

На ден 24.01.2023 година, тогашниот в.д. претседател на Судот, со Измена и дополнение на Годишниот распоред за работа на судските совети за 2023 година го прераспоредува судијата Енвер Беџети да постапува по прекршочни предмети, по што од страна на исто така, тогашниот в.д. претседател на Судот, на ден 31.01.2023 година е донесена Наредба за автоматска прераспределба на сите предмети кои останале како незавршени во работа кај судијата Енвер Беџети, меѓу кои и предметот КОКЖ-157/22.

Наредбата е спроведена на ден 01.02.2023 година, кога по пат на автоматска прераспределба предметот КОКЖ-157/22 е доделен во работа на судијата Ѓоко Ристов, кој веќе претседава со совет од петмина судии.

По исполнување на условите за старосна пензија, судијата Лидија Димчевска е разрешена од судиската функција и за вршител на должност Претседател на Апелационен суд Скопје, на ден 03.02.2023 година е назначена судијата м-р Мери Дика Георгиевска.

По превземање на функцијата вршител на должност Претседател на Апелационен суд Скопје, судијата м-р Мери Дика Георгиевска нема превземено ниту едно дејствиe во насока на прераспределба на предметот кој и понатаму останал во работа кај судијата известител, кој воедно е и претседател на советот од петмина судии кој постапува по конкретниот предмет.

Апелационен суд Скопје

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан