• недела, 22 декември 2024

Апасиев: Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ се на власт имаат најголеми влади

Апасиев: Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ се на власт имаат најголеми влади

Скопје, 22 јуни 2024 (МИА) - Пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев во обраќањето на денешната собраниска седница за изборот на новата влада изјави дека со внимание ја исчитал програмата на владата и биографиите на кадрите и оти смета дека се тоа најзалудно потрошени четири часа.

Тој  му забележа на мандатарот Христијан Мицкоски што во поднесената програма на новата влада до Собранието, на пет места го споменал уставното име на земјата.

-Во три реда на пет места има Република Северна Македонија. Не знам зошто не го тестиравте спикерот Гаши бидејќи ние го тестиравме две и пол години спикерот Џафери кој ги прифаќаше (амандманите) со „Република С. Македонија“. Па зошто кога вие сте на власт не го вратите тој преседан – да ми ги прифаќаат амандманите, предлог законите, дописите со „Република С. Македонија“? И мислам дека по тоа што му го направивте на народот во предизборието треба и едно „и“ да додадете и „Република Северина Македонија“ да пишете затоа што го изду***те народот со тоа што му го ветувавте на избори, затоа што така ќе биде посоодветно, кажа Апасиев.

Тој смета дека новата владеачка партија става погрешни луѓе во ресорите, со одредени исклучоци, и дека ова е една од трите најголеми влади досега во државата.

-Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ се на власт имаат најголеми влади – гломазна влада, африканска влада. Тоа е афрички стандард, не заборавајте, тие имаат по 30. Европски стандард е од 13 до 15 членови. Во неа имате енормен  број вицепремиери и само три жени или една осмина. По образование осум економисти, шест правници, три политиколози, два лекара, два инжинера, еден спортист, еден историчар и еден глумец. Јас би рекол сите сте глумци во владата. Имате еден етнички Србин, шест Албанци и 16 северномакедонци. Преспанскиот за вас е реалност, а Преспанскиоит не признава Македонци. Има и еден косовски шпион во владата и веднаш ќе му реферира на Курти кога ќе држите седници, рече пратеникот од опозицијата.

Во однос на проектите наведени во Програмата, Апасиев ја нарече новата влада плагијатор, бидејќи вели, во неа има само десетина добри работи и сите се, вели, препишани од Левица која ги има во континуитет од 2020 година.

-Идеолошки воведувате еден правец, „мицковизам“ како највисок стадиум на „груевизмот“ бидејќи правите идеолошка кажа попара од кадрите. Имате бугараши, врховисти, необалисти, бранковисти и михајловисти, но не од „Ванчо михајловизам“ туку од „Дража михајловизам“… , кажа Апасиев.

Собраниската седница за избор на новата влада ќе продолжи по редовната пауза. вг/дма/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан