• четврток, 21 ноември 2024

Антоски за МИА: Очекуваме наставата за штитениците во ВПД-Тетово да почне месецов

Антоски за МИА: Очекуваме наставата за штитениците во ВПД-Тетово да почне месецов
Скопје, 4 март 2022 (МИА) – Дваесет и едно дете со изречена мерка „упатување во воспитно-поправен дом“ престојуваат во моментов во ВПД - Тетово, сместен во селото Волковија. Станува збор за дом, кој беше пуштен во употреба на 3 ноември 2020 година, изграден по сите европски и меѓународни стандарди и во кој, како што веќе објави МИА, престојуваат само машки деца, прекршители на законот. Девојчињата, кои дошле во судир со законот, оваа мерка ја издржуваат во несоодветни затворски услови во Казнено-поправната установа Идризово. И покрај сите „удобности“ во домот, новите објекти, собите со тоалет, во кои постојано има топла вода, терените за спорт, вежбалницата, убаво уредениот двор, сепак штитениците во Волковија во моментов немаат пристап до основно образование. За домот, неговото функционирање, за секодневието и процесот на ресоцијализација на овие деца разговараме со директорот на ВПД - Тетово, Даниел Антоски, долгогодишен професор по македонски јазик, некогаш директор на училиште, а сега прв човек на институција, која треба да претставува животно училиште за оние кои се упатени во неа. Антоски вели дека поголема група деца од 12 до 13 немаат завршено основно образование. Во домот лани се спроведувало основно образование. Процесот бил организиран како проект на УНДП и Министерството за образование. Во домот има две училници, каде што децата учеле, поделени во две групи, во согласност со тестирањата на наставниците од училиштето „Гоце Делчев“, најблиското до ВПД - Тетово. Во моментов основното образование е во прекин. Завршил договорот меѓу УНДП и МОН. - Министерството за образование и УНДП го прекинаа договорот за соработка. Јас минатата недела имав средба со министерот за образование. Имав средба на која најдовме, мислам, заеднички јазик да се надмине конечно тој проблем, вели Антоски во разговор за МИА. Тој нагласува дека законска обврска на државата е да обезбеди образование за овие деца и изрази надеж дека ова ќе се реши најскоро, дури и овој месец. - Со министерот најдовме, како што кажав, заедничка цел, да се реализира тоа образование и мислам дека во март, почетокот на март ќе започне да функционира образованието тука, не како проект, туку проблемот системски да се реши. Директно ќе бидеме под Министерството за образование, нема да биде проект на УНДП и Министерството, вели Антоски. Со оглед на тоа дека оваа мерка се изрекува на деца од 14 до 23 години, во домот има и такви кои имаат потреба од средно образование. Три деца веќе се запишани вонредно да го завршат средното образование надвор од институцијата, едно во Средното економско училиште „8 Септември“ и две во Средното училиште „Моша Пијаде“ Тетово. Антоски вели дека иако задолжително, средно образование не може да се воведе во ВПД затоа што имаме повеќе видови, а секое дете има свои посебни афинитети. - Тоа е задолжително за децата, но не е задолжително за ВПД, дека мора ние да го обезбедиме. Ние сме должни за основното, за средното не, децата имаат желби, на пример има три години средно, па сака да учи уште една година средно. Ние излегуваме во пресрет колку што можеме, нагласува Антоски. Мерката се изрекува за период од една до пет години, а нејзиното времетраење зависи од тоа колку детето ќе се придржува кон програмата за ресоцијализација и превоспитување за што оценка прави тим од домот, во соработка со судија и јавен обвинител. Антонски нагласува дека досега во домот нема забележно никакви знаци на корупција. Вели децата надвор правеле некои работи, но во домот се свесни дека од нив зависи колку бргу ќе излезат на слобода. - Куќниот ред, правилниците на децата им се достапни пред нив 24 часа. Тие си го знаат куќниот ред напамет. Тие знаат дека за еден нивни прекршок им се пролонгира времето на излегување, бидејќи се деца и се свесни и сакаат побргу да излезат. Верувајте дека јас сум презадоволен од оваа група деца, кои се тука во моментов, имаат почит кон институцијата, почит кон вработените, нагласува Антоски во разговор за МИА. Директорот на ВПД - Тетово истакнува дека досега не пронашле ниту еден мобилен телефон кај некој од штитениците и додава дека воспитувачите имаат мобилни телефони, од кои децата може да се јават кај своите најблиски. Имаат на располагање и таблети, кои ги користат во наставата, која моментално е во застој, а интернет имаат во музичкото студио, во кое досега снимиле пет песни. - Им направивме едно музичко студио, бидејќи имаме талентирани деца, коишто знаат да компонираат песни, текстови. Имаат снимено пет песни со нивни текстови за институцијава, за нивниот живот, многу убави песни. Во таа просторија им е дозволен интернет, секако во присуство на воспитувач или полицаец, но тие тоа го ценат, не го злоупотребуваат и затоа ние се трудиме да им пружиме сè што им е потребно само за да им биде убаво и децата ни враќаат со добро, вели Антоски за МИА. Во продолжение следува целото интервју со директорот на ВПД - Тетово, Даниел Антоски. Повеќе од една година функционира Воспитно-поправниот дом во Тетово. Почна со работа на 3 ноември 2020 година. Станува збор за објект вреден околу 4 милиони евра. Од што се состои овој објект, можете ли да ни појасните што сè е вградено во него, а што може да придонесе за враќање на прав пат на овие деца што престојуваат тука? - Како што кажавте и самите, домот функционира од 3 ноември 2020 година и ги исполнува сите европски стандарди за една ваква институција, од овој тип, за оваа категорија деца. Значи, ВПД во село Волковија располага со три објекти, отворено одделение, полуотворено одделение и затворено одделение. Во моментот, функционално е само отвореното одделение, бидејќи станува збор за помала група деца што ги исполнуваат условите за да бидат во отворената група. И се надевам дека така ќе остане и во иднина дека нема воопшто другите два објекти да ги пуштиме во употреба. Потоа во нашата институција функционира еден стручен тим составен од педагог, психолог, социјален работник. Потоа имаме здравствена заштита на детето, односно преку Здравствен дом Тетово, има вработено медицинска сестра, којашто тука работи од понеделник до петок. Исто така имаме договор со Клинички центар Тетово, каде што децата си имаат свој матичен психијатар, којшто редовно ги следи нивните ментални случувања, менталниот склоп на децата. Потоа секој четврток доаѓаат општи лекари од Здравствен дом Тетово и стоматолози исто така од Здравствен дом Тетово, кои ги извршуваат оние општи медицински прегледи. Како што кажавте, функционира само отвореното одделение. Не се изречени мерки за деца, кои би биле во полузатворено или затворено одделение. Ќе може ли да ни кажете, како прво, колкав капацитет има овој дом, и во моментов колку штитеници претстојуваат тука? - Капацитетот е 110 легла. Во моментов имаме 21 дете, дваесет се тука, едно дете е на болничко лекување во Психијатриска болница Скопје. Кусо време работи овој дом, знаеме дека овој дом всушност е на некој начин обид да се врати домот во Тетово. Децата низ сите тие години се носеа низ различни институции, кои повеќе имаат затворски капацитет, отколку капацитет за спроведување на оваа воспитно-поправна мерка. Што сега е поинаку за децата, бидејќи 20 години не е мал период за една сериозна состојба како малолетничка деликвенција, за конкретни личности што се вклучени во неа да не можат да добијат можност за правилни услови за ресоцијализација и спроведување на оваа мерка. Што е сега поинаку?  - Како што кажавте и самите, по 2001 година откако домот во Тетово беше запален, по 20 години талкање низ затворите низ нашата држава, оваа категорија деца конечно го доби она што го заслужува, воспитно-поправен дом што ги задоволува сите потреби на овие деца, вклучувајќи здравство, образование, групни работи и сали, вежбалница, спортски игралишта за рекреација. Самите услови прават нивната ресоцијализација да биде уште поуспешна, затоа што ова е ВПД каде што се упатуваат децата за издржување на оваа мерка, упатување во ВПД, за разлика, нели, од затворскиот систем, кој функционира поинаку. Сепак, затвор е затвор, а ова е дом. И ние се трудиме да има една домашна атмосфера, да не се чувствуваат децата дека се во затворена институција. И целта ја реализираме и со право можам да кажам, благодарение на стручните работници во нашата институција, кои имаат долгогодишно искуство, како директор сум задоволен од процесот на ресоцијализација што им се нуди на овие деца во нашата институција. Да појасниме за јавноста, во согласност со Законот за правда на деца има различни мерки што се изрекувааат за различни категории деца од различна возраст. Во однос на оваа мерка, упатување во ВПД, ќе можете да ни појасните на која категорија деца се изрекува, од која до која возраст и колкаво е времетраењето во рамките на кое оваа мерка може да се изрече за одредени кривични или одредени дела што ги извршиле овие деца?  - Во согласност со Кривичниот законик најчесто децата се тука за член 236 и 238 од Кривичниот законик, а казната, односно мерката е од една до пет години. Значи, најмалку една година, а најмногу пет години се во нашата институција, и тоа од возраст од 14 до 23 години и сè зависи од процесот, односно од самото дете, како успева да ја совлада нашата програма. Значи, ние имаме индивидуални програми за секое дете тука и во зависност од тоа како се реализира програмата, колку сме успеале заедно со детето да ја реализираме таа програма, зависи и времетраењето на мерката. Ние праќаме редовно извештаи до судиите, до центрите за социјална работа, во координација сме со нивните адвокати и судии и се зема заеднички став дека сметаме дека на детето може да му се укине мерката. Најмалку е 18 месеци, бидејќи според нашиот куќен ред и нашите правила за работа тука децата се на стручно усовршување и тие за 18 месеци се стекнуваат со сертификат за одреден занает. Во моментов имаме четири занаета што ги изучуваат децата. Тоа се ѕидар, молер, работа во кујна, водоинсталатер и економија. Оние деца што имаат образование, го изучуваат котларскиот занает, кулинарството и водоинсталатер, а оние деца што немаат основно образование, изучуваат економија, бидејќи тука имаме и земјоделска површина каде што одгледуваме зеленчук, градинарски растенија. Велите деца од 14 до 23 години, каква е состојбата во моментов со старосната група? - Во моментов најмалото дете ни е на 15-годишна возраст, а највозрасното е на 21-годишна возраст. И велите дека може мерката, ако е на пример, максималната пет години да се скрати доколку детето исполнува одредени критериуми, солидно ја поминува програмата за ресоцијализација. Дали судиите за деца ги посетуваат децата тука во домот?  - Па, имаме одредени судии што често доаѓаат. Или сме во контакт по телефон или доаѓаат на самото место. Дали проценката ја правите вие, врз основа на вашите извештаи за скратување на казната, или тоа е во договор и соработка со судиите за деца?  - Ние праќаме најпрво шестмесечен извештај до нив. Ние сме тие што кажуваме како се одвива процесот на ресоцијализација. Нашето мислење го даваме до судијата, но тоа не значи дека нашиот предлог мора да биде прифатен од страна на судијата или на јавниот обвинител. Може да не биде прифатен, да не му се укине мерката, ако така смета јавниот обвинител и судијата или, пак, може да биде обратно, ние да не се согласуваме со укинување на мерката ако сметаме дека детето не ги исполнило условите. Што во таков случај, кој ја носи конечната одлука?   - Судијата, секако на крајот судијата ја носи. Значи, децата си имаат и свои приватни адвокати, кои бараат од нас да им се укине мерката, но ние доколку сметаме дека тоа не е можно, односно не е реализирано она што е предвидено во неговата индивидуална програма, се зема предвид нашето мислење, судијата го зема предвид. Колкава е најкусата, претпоставувам една година мерка во моментот и дали имате мерка што трае пет години и може ли да ни кажете за какви дела станува збор, најчесто какви дела извршиле децата што ја добиле оваа мерка, упатување во ВПД?  - Како што кажав и пред малку, по член 236 од КЗ, тој е за тешки кражби, потоа имаме член 123 - убиство или обид за убиство. Колку такви случаи за убиство имате, повеќе или... - Не, најчесто, како што кажав, децата се тука упатени за членот 236 и 237, а 123, обид за убиство, во моментов имаме само три деца. На колкава возраст се тие деца?  - Едното е на 15-годишна возраст, другите две се 17 и 18 во моментов. Имаме обид за силување или член 186 од КЗ, едно дете на 19-годишна возраст, но преовладува најчесто членот 236. Значи, генерално најчесто преовладуваат тешките кражби?  - Да, тешките кражби. Сигурно имате увид во историјата на животот на тие деца. Не можеме да генерализираме, но да дадеме една општа слика  - дали тие деца најчесто потекнуваат од домови за деца без родители, каде што престојуваат или поради тоа што немаат родители или поради тоа што немаат семејства коишто може да се грижат за нив или потекнуваат од семејства коишто се дисфункционални, склони кон криминалитет, коишто вршат одреден „семеен бизнис“ како кражби, па сето тоа го пренесуваат на детето. Каква е општата слика за состојбата со овие деца тука кај вас?  - Значи, децата најчесто ни доаѓаат од семејства. За жал, претежно дисфункционални семејства, мала е бројката на домските деца, во моментов имаме само три деца од таа категорија. Но и тие деца што се дојдени во домот секако си имаат надвор и семејство, но претходно имале таква мерка да бидат во дом. Претежно се од дисфункционални семејства. Дали детето има можност да биде посетено тука од своето семејство?  - Да, може да биде посетено од своето најтесно семејство, од најтесниот круг на семејството, родители, брат, сестра. Имате одредени денови за посета? - Не, посетите не се ограничени, тие најчесто се прават во договор со матичниот воспитувач на детето. Но, секако, кога сакаат родителите можат слободно да си дојдат. Децата, секако, користат и погодности според законот. Дали децата смеат да излезат од домот, дали тоа е поврзано со нивното сместување во едно од трите одделенија, во моментов функционира само отвореното, значи да кажам поблагите мерки се во функција?  - Децата во моментов сите се во отворената група и ги користат сите мерки што им се следуваат по законот, а тоа се излегување во град од седум часа, викенд и годишен одмор од дваесет дена, кој го користат на два дела, зимски и летен одмор, со по десет дена. Првото излегување, првиот викенд на детето му следува по четири месеци престој во нашата институција. Но тоа не значи дека мора да се реализира тој викенд или, пак, излегувањето од седум часа. Доколку матичните воспитувачи сметаат дека детето е спремнo да излезе на викенд, дека нема да се врати на тоа што го правел, му ја даваме таа погодност. Но, ако ние мислиме во моментот детето е ризик да го пуштиме во општеството од повеќе фактори на ризик, дали друштвото, дали семејството, односно родителите не се во добра здравствена состојба или имаат и тие некои криминали, мислиме дека ќе му направиме лоша услуга ако го пуштиме да оди дома за викенд. Го одложуваме тоа и најчесто така им излегуваме во пресрет на децата. Ги пуштаме со матичниот воспитувач, бидејќи тие се тука и татковци и мајки на тие деца. Ги оставаме тука, со нив се разговара, но претежно во моментов сите ги користат овие погодности, привилегии што им следуваат на децата во согласност со законот. Дали оваа година и неколку месеци, колку што функционира домот, сте имале случаи дете да не се врати од ваков отпуст, викенд, одмор? - Да, откога функционира домот, од 3 ноември, имаме само еден случај, дете беше пуштено на викенд, побегнало од дома. За колкаво дете станува збор?  - За 17-годишна возраст, со девојката побегнало во некое соседно село. Но за кратко време од два-три дена беше пронајдено и повторно вратено тука и сега е тука и се кае за тоа што го направил, бидејќи потоа секако следува забрана на користење на тие погодности. Појаснете ни како децата се примаат тука, значи откако ќе биде изречена таа мерка, имате приемно одделение, како функционира тоа приемно одделение и колку време остануваат децата во тоа одделение?  - Откако ќе биде изречена мерката упатување во ВПД, значи со пристигнување на правосилното решение и упатниот акт, ние ги примаме децата како нови во нашата институција со тоа што најпрво децата ги сместуваме во приемното одделение. каде што работи стручниот тим, составен од три члена, педагог, психолог и социјален работник, каде што детето престојува од 15 до 30 дена со нив. Го анализираат, го тестираат, користат разни методи, и педагошки, и психолошки, и социјални, за да ја видиме неговата структура. Секако, ние добивме и извештај за неговото минато, неговата историја и потоа ние го утврдуваме и на самото место. Гледаме детето најпрво од каде потекнува, дали од семејство, дали има родители, дали доаѓа од дом, го гледаме образованието, дали е писмено, неписмено. Ја гледаме целата индивидуа на детето, како надворешно така и внатрешно преку разни методи. И потоа од тие 15 - 30 дена, сега нормално и поради корона-ситуацијата во нашата држава, ги изолираме значи до 30 дена. Инаку, може за 15 дена детето веднаш да биде сместено во некоја од групите. Имаме две групи. Тоа го определува стручниот тим, во која група ќе биде. Значи, се гледа возраста на детето. За какви групи станува збор, појаснете?  - Значи, имаме две групи со по двајца матични воспитувачи. Во групите се прави еден баланс на националноста, возраста, не смее во соба да бидат полнолетен со малолетен. Ги гледаме членовите за делото за коешто им е изречена мерката. Стручниот тим определува кои деца според тежината на делата што ги извршиле смеат или не смеат да бидат заедно. Ги земате предвид делата што ги извршиле, тежината на делата?  - И делата и возраста, националноста, значи во двете групи гледаме да бидат избалансирани хомогени групите за да им овозможиме услови за работа на матичните воспитувачи. Значи, можеме да кажеме дека има потешка и полесна група?  - Не би рекол полесна и потешка група. Малолетна и полнолетна група?  - Не. Значи во двете групи имаме и малолетни и полнолетни, само што секако еден воспитувач треба да работи најмалку со пет деца. Тоа е стандардот?  - Да, така е според законот. Е сега, имаме двајца воспитувачи коишто работат со десет деца, а тие десет деца се како што кажав од сите овие агли измешани и двајца воспитувачи на втората група коишто работат со уште десет деца, значи за да може да се обрне повеќе внимание. Колку воспитувачи имате во моментов?  - Во моментов имаме 11 воспитувачи. И која е нивната улога, значи што сè прават воспитувачите со децата?  - Нивната улога е најголема и највредна во нашата институција. Секако, сите ние тука сме поврзани во еден синџир, сите имаме една единствена цел, успешна ресоцијализација на овие деца, вклучувајќи ја тука и затворската полиција и воспитувачите, секако, и јас како директор тука со нив. Воспитувачите се носители на сите активности, коишто ги извршувале и треба да ги извршуваат децата. Тие се нивното тука, да речам, и татко и мајка, и воспитувач и учител, воспитувачите се сè. Секој воспитувач си има план за работа со тие деца, индивидуален план за работа со тие деца. Има програми по коишто работат со тие деца, како што е Топс програмата. Одредени денови во неделата се реализираат тие работилници. Сè тоа е ресоцијализација. Ги подготвуваме и за пазарот на трудот, откако ќе излезат оттука. Вклучени сме во многу проекти коишто сметаме дека можат да им помогнат на децата кога ќе излезат надвор, полесно да се снајдат во општеството, полесно да дојдат, да пристапат до работа. Како изгледа еден ден на еден штитеник во домот. Сигурно имате ред на станување, легнување, на одредени активности што треба да ги извршуваат?  - Како што кажав, во согласност со куќниот ред на ВПД и правилниците што ги изготвуваме децата имаат дневна рутина. Се знае определено време на станување, од 7:30 до 8:00 часот е станувањето, будењето, од 8:00 до 8:30 е појадокот, од 9:00 до 12:00 часот е остручувањето, од 13:00 до 14:00 часот е ручекот, од 14:00 до 16:00 имаат дневен одмор, па од 14:00 до 15:00 часот имаат групна работа со воспитувачите, потоа имаат слободни активности, имаат физички активности и во 22:00 часот е повечерието, односно децата веќе се во своите соби. Во однос на образованието, станува збор за деца од 14 до 23 години, некои можеби се во процесот на основно, некои се во средно. Каква е моменталната состојба, колку од овие деца што престојуваат тука имаат завршено барем основно образование, дали имате деца што немаат основно образование? - Имаме поголема група деца, тоа се 12-13 деца што немаат завршено основно образование. Во нашата институција минатата година, 2021 година имаше образование, коешто беше организирано како проект на УНДП и Министерството за образование. Имавте тука внатре во институцијата? - Имавме тука во институцијата, имаме две училници каде што децата беа поделени во две групи во согласност со тестирањата на наставниците од училиштето „Гоце Делчев“, коешто е најблиску до нашата институција. Децата беа поделени во две групи и следеа цела година образование и се стекнаа со уверение за завршено ниво на образование. Значи, станува збор за основно и средно образование? - Само основно образование во нашата институција, а во однос на средното образование имаме три деца што ги запишавме вонредно да го завршат средното образование надвор од нашата институција, односно во Средното економско училиште „8 Септември“ Тетово имаме едно дете и две деца во Средното училиште „Моша Пијаде“ Тетово. Благодарение на проект што го реализиравме во нашата институција, со една невладина организација ИРЗ од Тетово, на децата им беше платено сè во врска со средното образование. Значи, не беше на трошок на децата. Иако ние како институција не сме должни да го реализираме средното образование, но ете благодарение на таа соработка, со тој невладин сектор, успеавме да го реализираме и средното образование за тие деца  Дали во моментов функционира основното образование?  - Во моментов не функционира основното образование.  Каде го лоцирате проблемот? - Министерството за образование и УНДП го прекинаа договорот за соработка. Јас минатата недела имав средба со министерот за образование. Имав средба на која  најдов, мислам, заеднички јазик да се надмине конечно тој проблем. Нели ова е законска обврска на државата, да обезбеди образование за овие деца што престојуваат тука?  - Така, да. Со министерот најдовме, како што кажав, заедничка цел, да се реализира тоа образование и мислам дека во март, почетокот на март ќе започне да функционира образованието тука, не како проект, туку проблемот системски да се реши. Директно ќе бидеме под Министерството за образование, нема да биде проект на УНДП и Министерството. Тоа значи тука би се вработиле наставници, наставнички кадар, кој ќе го спроведува тој процес?  - Можеби во почетокот како што јас имам информација од раководителката на основното образование во Министерството, дека најпрво колку да не се губи време ќе започне повторно со наставниците од училиштето во нашето најблиско село, тие да доаѓаат тука. А се работи и на тоа да се вработат наставници во нашата институција. Имате ли предвидено со вашата систематизација таков кадар?  - Нашата систематизација не треба да има предвидено таков кадар, тоа си е под Министерство за образование. Значи, тие ви го нудат кадарот? - Тие, да, како и сите основни училишта низ државава, така на тој принцип ќе функционира образованието и во нашата институција. Овој период кога децата немаат образование ќе мора некако да се надомести, но и средното образование е задолжително. Досега говоревме за основното. Дали има можеби некакви планови да се воведе и средно образование во ВПД?  - Значи средно образование не може да се воведе во ВПД затоа што имаме повеќе видови средно образование, не можеме да ги насочиме децата во едно средно образование. Желбата на децата каде сакаат да посетуваат настава, во кое средно, ние не можеме да им ја ограничиме, различно е од основното. Децата си имаат желба, кое економско, кое медицина. И тоа е задолжително за децата, но не е задолжително за ВПД, дека мора ние да го обезбедиме. Ние сме должни за основното, за средното не, децата имаат желби, на пример има три години средно, па сака да учи уште една година средно. Ние излегуваме во пресрет колку што можеме. Сепак, станува збор за деца што се тука во институција и сега тие немаат можности. Мора вие некако да им помогнете во тој процес? - Како што кажав со невладината организација ИРЗ, благодарение на неа и на наша соработка со нив, се трудиме да им помогнеме, да им го овозможиме тоа на децата. Ние ги носиме на полагање во саботите, ги чекаме, ги земаме, ги враќаме. Доколку детето во моментот во тој викенд е на погодност користење некаков отпуст, на годишен одмор или на викенд, детето доаѓа во Тетово да полага, го носи родителот, ние не учествуваме во тоа. Најавувавте дека преговарате со Здружението на млади правници за можноста овие деца тука да се запишат на факултет. До каде се тие најави и тој проект. Дали досега имате некој случај на дете запишано на факултет?  - Ние со Здружението на млади правници имавме една година прекрасна соработка, каде што децата посетуваа онлајн обуки, имаше неколку обуки со физичко присуство на младите правници во нашата институција и нашите планови беа да се запише едно детенце на Правен факултет во Скопје, но договорот на Управата за извршување на санкции и Здружението на млади правници престана. Толку беше, една година. И сега ние се надеваме дека повторно ќе склучиме договор, односно меморандум за соработка со младите правници, да го реализираме она што сакавме да го реализираме.   Кога говориме веќе за образованието, тука ни е поврзан и процесот на ресоцијализација. Неодамна кажавте дека ги обучувате децата и ми споменавте мислам и во теков на разговоров претходно за излегување на пазарот на трудот. Може малку поконкретно да ми кажете какви можности имаат децата тука во домот, за што се обучуваат, каков занает, на пример, учат?  - Во моментов имаме четворица инструктори што ги изучуваат децата на некој занает. Имаме водоинсталатер, имаме котлар, имаме готвач и економија. До пред две недели имавме инструктор молер, кој сега се пензионира. Имавме пет инструктори. Децата посетуваат два - три часа секој ден од понеделник до петок, учат занает. Инструкторот ги зема од групата, ги носи во работилницата или во котларата или во кујната и таму го изучувуваат занаетот. По активно следење на тој занает, 18 месеци, ние како институција му уплаќаме на детето да полага за изучениот занает во ССУ „Моша Пијаде“ - Тетово. Таму полага пред комисија и се стекнува со сертификат за изучен занает. Тој сертификат, кој е државно признат, му помага на детето, на пример полесно да најде работа како водоинсталатер или пак како котлар, односно за парно греење. Ние тука имаме деца коишто се остручени и максимално самите знаат да го пуштат парното, да го изгаснат, да ја видат температурата. Или пак децата што се ангажирано во кујната знаат сами да подготват појадок, ручек или вечера. Децата што ни се водоинсталатери, тие се спремни, знаат да променат чешма, некое црево. Дали децата се вклучени во процесот на средување на домот, средување на дворот?  - Да, сето тоа го прават децата, нормално, заедно со воспитувачи, со инструктори. Имавме една голема површина, голем двор, кој беше пуст, а сега сето тоа е изработено, украсено со рачни изработки на децата. Споменавте нешто околу здравствената заштита, но сега малку поконкретно и подетално. Значи, какви здравствени услуги им се достапни на штитениците, дали имаат пристап до матичен лекар, до лекови, стоматолог? - Министерството за здравство, односно Здравствен дом Тетово е должно за да го организира здравствениот дел во нашата институција. Во нашата институција имаме вработено медицинска сестра. Тоа е ваша вработена медицинска сестра? - Не, медицинската сестра е од Здравствен дом Тетово со работно место во ВПД, од понеделник до петок. Во Здравствен дом Тетово децата имаат матичен општ лекар, којшто им ја препишува и ја следи терапијата на децата. Има општ лекар од Здравствен дом Тетово, кој секој четврток доаѓа тука да ја види фактичката состојба, да ги прегледа децата и им препишува соодветна терапија. Препишува упати за посета на психијатар или невролог, за сè за што има потреба детето. Ни дава упат и ние го носиме кај специјалисти. Имаме склучено договор со Клинички центар Тетово. Децата таму имаат пристап до психијатар, тоа беше еден од поголемите проблеми, на децата им е неопходно да си имаат свој психијатар. Тој проблем сега ни е решен. Имаат и свој психијатар. Имаат и стоматолози, имаме стоматолошка ординација во нашата институција каде што од Здравствен дом Тетово доаѓаат стоматолозите, ги вршат полесните стоматолошки услуги, доколку станува збор за орална хирургија, односно стоматологија, тогаш децата ги носиме во Тетово. Тука е лечењето на забите, пломбирањето, се вршат полесни интервенции, а сложените во Тетово. Дали имате штитеници зависници?  - Не, немаме зависници. Но имаме деца кои, да речам, 70 проценти користеле разни супстанции надвор, но тука кај нас не покажуваат знаци на зависност и слично, кризи, такво нешто нема. Значи, моментално немате зави

Остани поврзан