• недела, 22 декември 2024

Антоновски: МИА како носечки чинител во медиумскиот простор мора да има стабилност, развој и институционална независност

Антоновски: МИА како носечки чинител во медиумскиот простор мора да има стабилност, развој и институционална независност

Скопје, 25 јануари 2023 (МИА) - Генералниот директор на МИА, Драган Антоновски денеска на презентацијата на проектот „ЕУ за слободата на изразување: Усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди” пред учесниците изрази сугестија и забелешка дека државната агенција во оваа фаза воопшто не е ставена во фокус на реформите и усогласувањата со стандардите на ЕУ, потенцирајќи дека МИА е апсолутно сериозен и носечки чинител во медиумската заедница и медиумскиот простор.

Тој истакна дека сите посочени проблеми и медиумските провокации, кои беа изнесени на денешниот настан подеднакво ја засегнуваат и МИА, особено во делот на пиратеријата, институционалната независност, предвидливост и одржливост, односно дефинирање и самостојно располагање со средствата и буџетот, што ќе овозможи непречен медиумски развој.

Антоновски побара МИА да биде вклучена во овие процеси и додаде дека Агенцијата таква поддршка досега добила од ОБСЕ и ЗНМ, кои ќе учествуваат во процесот на отворање дебата за носење посебен закон за државната агенција. Тој  додаде дека суштински е и ЕУ, да ја вгради МИА во она што значи европски медиумски стандарди и усогласување со европската регулатива.

- Колку за Ваша информација МИА ја користат сите странски амбасади и меѓународни организации, сите онлајн  медиуми, телевизии и печатени медиуми и МИА сериозно влијае врз медиумската писменост и активно учествува во борбата против дезинформациите, кои се пласираат во земјава и во регионот. МИА има размена со сите балкански и голем број европски агенции. Поради тоа МИА мора да има стабилност, предвидливост на буџетот и одржливост, порача Антоновски.

Усогласување на законодавството со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, зајакнување на институционалниот капацитет и независноста на националното регулаторно тело за медиуми (АВМУ) за да се гарантира имплементацијата на правната рамка, унапредување на правната рамка за националниот јавен радиодифузен сервис (МРТ), според европските стандарди и обезбедување негова финансиска стабилност и независност, анализа на медиумскиот пазар и предлагање политики и законски решенија за подобрување на конкурентноста, одржливоста и плурализмот, давање препораки за правни, регулаторни и саморегулаторни механизми со кои може да се одговори на предизвиците што ги поставува новото дигитално медиумско опкружување, како и унапредување на законската заштита на социјалните и работничките права на новинарите. Ова се клучните цели на проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”, чиј старт беше означен денеска.

На денешниот настан во организација на Делегацијата на ЕУ во Скопје, учествуваа сите релевантни чинители во процесот на усогласување на медиумската регулатива со таа на ЕУ. А заклучокот беше дека до крајот на април или почетокот на мај ќе се излезе со конечниот нацрт-закон, на што ќе претходат јавни расправи за изнаоѓање најдобри решенија за медиумското работење, согласно европските стандарди.

Носители на проектот се Министерството за информатичко општество и јавна администрација и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Доколку до 31 мај не се постигне усогласување на националното законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската Унија, Северна Македонија ќе изгуби пристап до програмата Креативна Европа. ац/сп/

Остани поврзан