• недела, 22 декември 2024

Антонио Коста се враќа во игра за местото претседател на Европскиот совет 

Антонио Коста се враќа во игра за местото претседател на Европскиот совет 

Брисел, 21 април 2024 (МИА) - Поранешниот португалски премиер Антонио Коста до минатата година важеше за еден од најсериозните кандидати за некоја од високите позиции во следниот мандат на институциите на Европската Унија, но по корупцискиот скандал што лани во декември доведе до пад на неговата Влада, перспективите за негова преселба во Брисел изгледаа невозможни. 

Коста поднесе оставка на премиерската функција откако полицијата изврши претрес во неговата официјална резиденција во рамки на истрагата за наводите за злоупотреба на државни средства при реализација на инфраструктурни проекти, за активна и пасивна корупција и за тргување со влијание.  

Иако набрзо беше соопштено дека дошло до забуна и дека „името на премиерот Антонио Коста по грешка било поврзано со она на министерот за економија Антонио Коста Силва“, тој сепак се повлече од функцијата на која беше во трет последователен мандат, нагласувајќи дека иако има „чиста совест“ и „целосна доверба во правдата“, сепак смета дека премиерската должност е „некомпатибилна со какви било сомнежи околу неговиот интегритет“. 

По ослободувањето од сомнежите за корупција и откако против него не беше покрената никаква официјална постапка, Коста одново се најде во игра како можен кандидат на европските социјалдемократи за некоја од водечките функции во ЕУ. 

Ваквата можност неделава ја најави и португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса, кој одново го спомена Коста како кандидат за следен претседател на Советот на ЕУ. 

- Имам чувство дека е се поверојатно оти од оваа есен ќе имаме португалски претставник на чело на Европскиот совет во Брисел, рече Ребело де Соуса во средата. 

Ова не е првпат, Ребело де Соуса да го посочи Коста како португалски кандидат за европска функција, откако и лани пред избувнувањето на корупцискиот скандал го спомена како можен наследник на Шарл Мишел на местото претседател на Советот на ЕУ, нагласувајќи дека тоа би му овозможило „да продолжи да го работи на она што добро го прави“. 

Инаку, Коста до почетокот на годинава беше лидер на сега опозициската португалска левоцентристичка Социјалистичка партија (ПС), додека Ребело де Соуса доаѓа од редовите на владејачката демохристијанска Социјалдемократска партија (ПСД). На европско ниво, ПСД е членка на Европската народна партија (ЕПП), а ПС на Европската социјалистичка партија (ПЕС), која е дел од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД). 

Минатиот месец и т.н. шпиценкандидат на ПЕС за евроизборите, луксембуршкиот еврокомесар Николас Шмит изјави дека Коста би можел да „заземе добра позиција“ на европско ниво, особено онаа на „шефот на Европскиот совет“. Инаку, пред избувнувањето на корупцискиот скандал, Коста беше во игра и за местото шпиценкандидат на ПЕС за изборите за членови на Европскиот парламент. 

Сепак, идното работно место на Коста во Брисел и натаму не е сигурно бидејќи корупцискиот скандал може да влијае на неговата „европска кариера“, имајќи пред вид дека меѓу осомничените против кои се води постапката е и неговиот пријател и поранешен шеф на кабинет и советник Витор Ескарија. 

Во меѓу време, постапката против осомничените се одолговлекува откако Апелацискиот суд во Лисабон прво ја одби жалбата на Јавното обвинителство на одлуката за намалување на мерките за задржување на обвинетите, а потоа одлучи и дека „утврдените факти, сами по себе, не укажуваат на каков било вид на кривично дело“, со што беа отфрлени доказните материјали по точката од обвинението за тргување со влијание. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан