• понеделник, 23 декември 2024

Андреј Ал-Асади за МИА: Скопскиот поетски фестивал му е потребен на Скопје за да ја разгори љубовта кон пишаниот збор

Андреј Ал-Асади за МИА: Скопскиот поетски фестивал му е потребен на Скопје за да ја разгори љубовта кон пишаниот збор
Скопје, 28 август 2022 (МИА) - Скопски поетски фестивал му е потребен на Скопје за да ја разгори љубовта на луѓето кон пишаниот збор. Овој фестивал нуди бесконечно можности за размена на идеи, мислења и дружба, кои понатаму ќе влијаат врз проширување и продлабочување на естетските рамки во кои творат поетите – учесници на фестивалот. Фестивалот е нешто кое воедно нѐ предизвикува и нѐ подучува дека пишаниот збор може нешто навистина да смени. Од друга страна, пак, го збогатува културниот живот во Скопје и им овозможува на младите писатели да се претстават пред публиката и да научат нешто повеќе за тоа како се пишува добра поезија. Ова на прашањето на МИА „Чуму Скопски поетски фестивал?“ го одговори Андреј Ал-Асади, еден од најпрепознатливите гласови на младата македонска поезија и учесник на фестивалот. Скопскиот поетски фестивал е интернационален фестивал што има за цел преку поезијата да ги поврзе не само поетите, туку и музичарите, ликовните уметници, фотографите, актерите, дизајнерите, книжевните критичари, професорите, студентите, учениците и издавачите. [caption id="attachment_1763654" align="aligncenter" width="1872"] Скопски поетски фестивал 2021 година, фотографија - официјална фејсбук страна на СПФ[/caption] Второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ годинава ќе се одржи од 29 август до 1 септември во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во кафе-книжарница „Буква“. На поетските читања ќе учествуваат поети од земјава и странство. Воедно, поетските вечери ќе бидат надополнети со музички перформанси, како и работилница за креативно пишување поезија за млади, ликовна изложба, а премиерно ќе бидат прикажани и неколку поетски филмови изработени за фестивалот. Ал-Асади вели дека мултимедијалниот карактер на фестивалот, на кој ќе се претстават домашни и уметници од регионот, изнесувајќи ги пред македонската публика своите стиховни и аудиовизуелни остварувања, како и фактот што тука ќе најдеме поети, музичари, режисери и уметници од секаков тип, е уште поголем стимул за творечкиот набој во секој од нас. [caption id="attachment_1763705" align="aligncenter" width="2048"] Андреј Ал-Асади, фотографија: Диме Данов[/caption] - Мојот општ впечаток е дека на Скопје навистина му бил потребен еден ваков фестивал. Тоа можеше да се види од медиумската покриеност како и од бројноста на публиката. Оваа година, покрај стандардните содржини, значаен е и настанот за младите поети од 16 до 25 години – „Отскочна даска“ со што фестивалот има намера отсега па натаму да одвојува простор за младите и да го поттикнува творештвото помеѓу нив, вели тој. За состојбата со поезијата кај нас, вели дека „влева надеж“ и има сѐ повеќе млади кои се охрабруваат да го остават својот личен печат во обемната и древна книга на македонската поетска традиција. - Ги имаме Струшките вечери на поезијата, Поетската ноќ во Велестово, Скопскиот поетски фестивал, Слем фестивалот и 100.000 поети за промени. Сите овие придонесуваат кон разгорување на страста кон стихот и можноста младите да се изразат и да искомуницираат со својата околина преку него. Се надевам дека бројот на фестивали, заедно со бројот на поети ќе расте и во иднина и Македонија уште еднаш силно ќе го зграпчи факелот на пишаниот збор, посочува Ал-Асади. [caption id="attachment_1763656" align="aligncenter" width="1872"] Скопски поетски фестивал 2021 година, фотографија - официјална фејсбук страна на СПФ[/caption] Во однос на работите што можат да се променат, за да се придонесе кон оплодувањето на поетската почва кај нас, Ал-Асади смета дека мораме да ги земеме предвид сите нијанси на модерното живеење, вклучувајќи ги и модерните трендови на комуникација и социјализација. - Од тој аспект, јас мислам дека е потребна сѐ поголема присутност на социјалните медиуми, ангажирање на поетите во насока на актуелизирање на стихот помеѓу младите, како и неопходната помош од институциите за промоција на нашите поети во странство. Потребно е и фестивалите како Струшките вечери на поезијата да се прочистат од кариеризам и непотизам еднаш засекогаш, и да претставуваат стимул, а не кочница за младите поети кај нас, смета тој. Неговото искуство со Скопскиот поетски фестивал, како што вели, „е прекрасно“. - Моето искуство со СПФ е прекрасно. Соработката со Јулијана Величковска и останатите организатори се темели на взаемно разбирање, поддршка и љубов кон поетскиот збор. Оваа година моето поетско дело „Летна соната за мојот град“ ќе биде дел од СПФ, и ќе биде спакувано во еден аудиовизуелен запис подготвен од професионалци во областа на аудиодизајнот и режирањето. Ова го кажувам затоа што мислам дека материјалот на овој поетски филм ќе биде соодветен за конкуренција на слични фестивали надвор од земјата, а и за промоција на нашите поетски збиднувања. Воедно, голем број читатели ќе можат да ме слушнат како читам во живо и можеби да ја почувствуваат мојата поезија на еден поинаков начин. Во таа насока, мислам дека СПФ прави многу, не само за мене, туку за сите учесници на фестивалот, споделува тој. [caption id="attachment_1763662" align="aligncenter" width="2048"] Скопски поетски фестивал 2021 година, фотографија - официјална фејсбук страна на СПФ[/caption] Ал-Асади смета дека поезијата е една од уметностите која ги надминува разликите помеѓу луѓето. - Поезијата знае да нѐ насмее, расплаче или разгневи. Ова се чувства кои се јавуваат во секој од нас, и тука нема простор за никакви разлики или спротивставености. Поезијата може сите наши мали и растреперени гласчиња да ги соедини во еден глас кој ќе одекне длабоко во вселената со тоа што некому ќе му причини задоволство, ќе го насмевне или натажи. Исто така, поезијата може да претставува многу ефикасен начин за комуницирање со својата средина и надминување на тешкотиите во воспоставување на здрав однос со луѓето што нѐ опкружуваат. Од оваа гледна точка, земајќи ги предвид и психосоцијалните фактори, поезијата кај некои луѓе може да дејствува како многу ефикасен антидепресив и да има терапевтско влијание. Поезијата е нешто што е добро и убаво самото по себе, заклучува тој. Поетот Андреј Ал-Асади е млад скопјанец роден во Лондон на 7 февруари 1996 година. Тој неодамна ја издаде својата последна стихозбирка „Секој секому огледало“. Автор е и на стихозбирките „Midnight Blues“, „Под дервишовото сиќе“ и „Небесна геометрија“, а со последните две влезе во потесниот избор за престижната награда „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшки вечери на поезијата. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои Скопски поетски фестивал, Поетска ноќ во Велестово, 100.000 Поети за промена, Струшки вечери на поезија и други. Неговите песни се преведени на англиски, арапски, српски, хрватски, италијански и грчки јазик. За епитетот „еден од најпрепознатливите гласови на младата македонска поезија“, вели дека тој на некој начин се залепил за него. - Мислам дека сето тоа се должи на посветена работа, читање и огромен труд низ цела една низа од настани и години, вели тој. Преку неговата поезија, како што одговара, не пренесува пораки, туку таа е проткаена со длабоки метафизички значења, употреба на архаизми, метонимии и метафори. - Сакам само да пишувам поезија која може да биде толкувана различно од секој поединечен читател, посочува Ал-Асади. Со создавањето на истата, како што открива, се пронаоѓа себе си и воедно се менува, трудејќи се и другите да се пронајдат во неа, а преку тоа и самите да се обидат да сменат нешто во себе. [caption id="attachment_1763658" align="aligncenter" width="960"] Скопски поетски фестивал 2021 година, фотографија - официјална фејсбук страна на СПФ[/caption] На програмата на Скопскиот поетски фестивал во понеделник во кафе-книжарница „Буква“ е „Отскочна даска“ – преднастан за млади поети од 16 до 25-годишна возраст и изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) насловена „Сум страдал, ама убаво ми било“. Во вторник, 30 август, ќе се одржи тематско поетско читање „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол. Младинскиот културен центар во среда е резервиран за Интернационалната поетска вечер на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј. На последниот ден од фестивалот, 1 септември, во „Буква“ од 18 часот ќе се одржи работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата насловена „Урбана поезија“, а од 21 часот ќе има видеопроекција  „Стиховно мапирање на Скопје“, 12 поетски филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади. Ангела Рајчевска 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан