• недела, 22 декември 2024

Андонов: Чебрен ќе овозможи праведна енергетска транзиција и зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија

Андонов: Чебрен ќе овозможи праведна енергетска транзиција и зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија

Скопје, 30 септември 2023 (МИА) - Соработникот за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата, Виктор Андонов изјави дека Владата низ транспарентна постапка го избра приватниот инвеститор, конзорциумот ППЦ и Архиродрон од Грција, кој имаат обврска на свој трошок да го изградат Чебрен, и да го управуваат преку заедничката компанија со АД ЕСМ, во која АД ЕСМ ќе има учество од 33%. 

Андонов, во емисијата ВИН ВИН на ТВ Телма, како што се наведува во соопштението од Владата, ги презентираше најновите информации поврзани со реализацијата на најголемиот стратешки проект во историјата на македонската енергетика, хидроелектричната централа Чебрен, чијашто изградба се планира и се чека цели шест децении. 

-Овој проект е постар од шест децении како идеја и како концепт кој се заснова на максимално искористување на водните ресурси на реката Црна, која е најголема притока на реката Вардар. Изборот на техничкото решение, пред сè висината на браната е определена врз основа на илјадници страни на детални технички истражувања, детални геолошки истражувања изработени уште во времето на Југославија од реномирани домашни и странски консултанти. Конкретната висина на Чебрен е утврдена во Водостопанската основа на Македонија, изгласана уште во 1978 година од тогашното Собрание. Владата низ транспарентна постапка го избра приватниот инвеститор, конзорциумот ППЦ и Архиродрон од Грција, кој имаат обврска на свој трошок да го изградат Чебрен, и да го управуваат преку заедничката компанија со АД ЕСМ, во која АД ЕСМ ќе има учество од 33%, рече Андонов.

Во однос на вкупната вредност на целата инвестиција, информација којашто предизвика интерес во јавноста, тој прецизирал дека цените со кои се лицитира во јавноста се стари и се провлекуваат во различни документи, меѓутоа заради инфлаторните движења на цените во изминатите две децении на светско ниво, цените на материјалите беа во континуиран пораст, посебно во текот на 2022 година.

Андонов додал дека според пресметки направени согласно податоци објавени од Меѓународната агенција за обновливи извори по референтни цени за 2022 година, цената на чинење за изградба на хидроелектрана за 1 киловат час електрична енергија изнесува 2.881 долар и кога ќе се пресмета вкупната моќност на електрична енергија што ќе ја произведува Чебрен и Орлов камен, се доаѓа до бројката од околу една милијарда евра.

-Важно е да се каже дека 2022 година во однос на 2021 година поради војната во Украина, на сите берзи на материјали и метали имаме огромен раст на цените и тоа за 20 до 25%. Кога ќе се направи детален дизајн, проект, кога ќе се склучат договорите за клуч на рака, таа процедура кога ќе се заврши тогаш ќе се знае кои се вистинските трошоци за изградба на ХЦ Чебрен. Сега оваа година ако ги гледаме берзите, гледаме дека има тренд на намалување на материјалите кои претходно скокнаа, пак ќе потенцирам поради војната во Украина, истакна Андонов во своето гостување во дебатната емисија Вин Вин, на телевизија Телма. ев/

Остани поврзан