• петок, 22 ноември 2024

Андоновска: Четворица вработени од Зоолошката градина ќе бидат ставени под здравствен надзор, а еден од нив утре ќе биде тестиран за птичји грип

Андоновска: Четворица вработени од Зоолошката градина ќе бидат ставени под здравствен надзор, а еден од нив утре ќе биде тестиран за птичји грип

Скопје, 20 октомври 2024 (МИА) – Од 15-те вработени во скопската Зоолошка градина за кои веќе е завршена епидемиолошката анкета од страна на епидемиолози од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за четворица во текот на утрешниот ден ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај еден од нив, кој во петокот пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.  За 16-тиот од листата, кој се уште не е исконтактиран, ќе се направат напори да биде исконтактиран во текот на денешниов ден, информира директорката на ИЈЗ Марија Андоновска.

-Здравствен надзор согласно протоколите не подразбира  карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават било каков симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Тие секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба, изјави денеска Андоновска пред Институтот за јавно здравје.

Епидемиозлозите, како што рече, ја информирале дека еден од четирите лица за кои е завршена епидемиолошката анкета, на 18 октомври имал симтоми со температура и дијареја кои траеле еден ден што, како што рече, не значи дека укажува дека тоа лице има птичји грип.

-Тоа лице ќе биде тестирано во текот на утрешниот ден, бидејќи препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите се дека по појавата на првите симптоми во рок од пет дена треба да има тестирање, појасни Андоновска.

Нагласи дека нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката градина доколку немале директен контакт со заболените птици од птичји грип.

-За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој од секретите, измет или слично од овие заболени или мртви животни. Тоа значи дека ризикот е мал доколку посетителите немале близок контакт, потенцира Андоновска.

Смета дека надлежните институции во текот на вчерашниот ден имале брза и навремена реакција согласно законските прописи и протоколи. Вели дека Лабораторијата на ИЈЗ е референтна и меѓународно акредитирана лабораторија за дијагностика на инфлуенца или грип од хумано и анимално потекло и дека во моментов има тестови за птичји грип, но додава дека не знае колкава ќе биде потребата и дали ќе треба да се набавуваат нови.вј/цр

Фото: МИА

Остани поврзан