• недела, 22 декември 2024

Ангел Димитров: Не верувам дека Софија ќе направи отстапки кон Скопје под надворешен притисок

Ангел Димитров: Не верувам дека Софија ќе направи отстапки кон Скопје под надворешен притисок
Софија, 16 октомври 2021 (МИА) - Американската дипломатија и бугарските партнери во ЕУ манифестираат двојни стандарди кон Бугарија, но таа нема да го смени својот став во билатералните односи и не може да се очекува дека Софија ќе направи отстапки под надворешен притисок, изјави копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и поранешен амбасадор на Бугарија во земјава, Ангел Димитров. Како што јави дописникот на МИА од Софија, гостувајќи во надворешно-политичката емисија „Сабота 150“ на Бугарското национално радио, Димитров излезе со тврдење дека САД „најверојатно водат разговори со Република Северна Македонија околу нејзината позиција, но тоа јавно не се соопштува“. Тој изрази резерви кон изјавата на премиерот Зоран Заев дека по изборите во Бугарија ќе се зголемат шансите за надминување на бугарското вето за старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, нагласувајќи дека позициите изразени во документите усвоени во парламентите на двете земји оневозможуваат постигнување сериозен политички компромис меѓу Скопје и Софија. Димитров изјави и дека не е оптимист за успех на претстојниот состанок на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија, обвинувајќи ги неговите македонски колеги дека досега биле „чувари на историските митови“, а сега станале „идеолози на недоразбирањата и антибугарски ставови и однесувања, кои се крајно неприфатливи за Софија“. Во врска со обвинувањата од Софија за наводно уништени бугарски воени гробишта крај Кавадарци, Димитров изјави дека треба да се провери дали во тој реон има воена болница, бидејќи „воени гробишта вообичаено се правеле на такви места“. нк/сп/

Остани поврзан