• петок, 22 ноември 2024

Ангелов: Поставена ограда околу дупката на кејот на Вардар во Аеродром

Ангелов: Поставена ограда околу дупката на кејот на Вардар во Аеродром

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Поставена е ограда долга околу 200 метри кај дупката длабока десетина метри, покрај горната пешачка патека на кејот на реката Вардар во Општина Аеродром, позади хотел „Русија“, информира денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Пред неколку месеци, како што посочи тој на денешната прес-конференција, од страна на вознемирени граѓани до ЦУК стигнало известување за „постоење на  провалија, длабока повеќе од 10 метри со вертикални страни“. ЦУК ги известил Општината и Градот, како надлежни за оваа проблематика, за постоење на ваквата опасност и побарале да биде надмината.

- Неколку месеци подоцна по запазување на неопходната процедура од страна на Градот Скопје и Општината Аеродром оградата е поставена. Со поставување на оваа ограда долга околу 200 метри, се гарантира безбедноста на граѓаните, особено во ноќните часови кога осветленоста е многу слаба, рече Ангелов.

Ова, како што додаде директорот на ЦУК, е пример за добра соработка меѓу централната власт и локалната самоуправа и за тоа како треба да функционираат институциите.

Ангелов ги повика сите граѓани доколку забележат опасност која го загрозува нивниот живот или нивните материјални добра, да се јават на бројот 112 и да ја пријават таа опасност.

Тој посочи дека опасната карпа на Матка се следи од Градежниот факултет, наместени се сензори и состојбата е стабилна, а браната „Липа“ во општина Неготино е испразнета и не претставува опасност за граѓаните. Поправена е и големата дупка на мостот кон Драчево, додека на мостот кон Визбегово е направена ограда, но според Ангелов, тој се уште не е обезбеден како што треба.

Ангелов информира и дека ЦУК одржал седум координативни средби со надлежните институции и здруженија на граѓани за надминување на проблемот со бездомни кучиња.  мс/сп/

Остани поврзан