• четврток, 12 декември 2024

Ана Стојаноска - член на меѓународното жири на МЕСС во Сараево

Ана Стојаноска - член на меѓународното жири на МЕСС во Сараево

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Уметничката директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска, на претстојното 63. издание на Меѓународен фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево ќе биде член на жирито на официјалната програма. Фестивалот ќе се одржува од утре до 8 октомври во Сараево.

Стојаноска, како што се наведува во соопштението од МТФ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп, ќе ги оценува претставите заедно со Марина Катниќ-Бакаршиќ, професорка на Факултетот за сценски уметности во Сараво и Јана Баскау, продуцентка од Германија.

МЕСС ќе биде отворен со претставата „Калигула“ на Националниот академски драмски театар „Иван Франко“ од Украина. Врвот на европскиот театар низ 12 претстави ќе се претстави со дела од Англија, Литванија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. На фестивалот не учествува театарска куќа од Македонија.

Писателката и професор Ана Стојаноска дипломирала на Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Постдипломски студии завршила на театрологија на Факултетот за драмски уметности, каде магистрирала и докторирала. Работела како истражувач и координатор на Институтот за театрологија при ФДУ. Специјализирала од областа на театарската музеологија. Авторка е на бројни романи и драмски дела, стотина студии и огледи објавени во македонски и странски списанија, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарски критики. Нејзината поезија и проза се објавени во многу македонски и меѓународни зборници. дма/лв/

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

Остани поврзан