• вторник, 05 ноември 2024

Анализата на ДКСК ќе покаже дека изградбата на Коридорот 8 и 10 е најголемиот инфраструктурен проект, смета Ковачевски

Анализата на ДКСК ќе покаже дека изградбата на Коридорот 8 и 10 е најголемиот инфраструктурен проект, смета Ковачевски

Скопје, 19 мај 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски по денешната средба со лидерите на коалициските партнери истакна дека анализата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе покаже дека изградбата на Коридорот 8 и 10д е најголемиот инфраструктурен проект.

- Јас сметам дека таа анализа ќе го покаже тоа што го кажуваме и кое што пред малку го кажав, дека се работи за најголемиот инфраструктурен проект. Тие сигурно ќе имаат можност да ги прочитаат сите 400 страници од договорот, нормално законот, извештајот на консултантите кои што го имаат подготвувано законот ќе можат да се запознаат со процедурата на црвен фидинг којшто за првпат се прави во нашата држава и сметам дека врз основа на она што ќе го изанализираат ќе го дадат своето мислење, а какво мислење ќе имаат тоа не можам да кажам бидејќи сепак тоа е нивна анализа, рече Ковачевски.  

Надоврзувајќи се интервјуто на амбсадорката на САД во земјава Анџела Агелер дека компанијата „Бехтел“ работи транспарентно и законски, премиерот рече дека се работи за најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, не само на независна Македонија, туку и за време на Социјалистичка Република Македонија. 

-Тој е најголемиот инфраструктурен проект. Тој проект е донесен согласно со закон. Согласно закон пратениците имаат избрано проектот Коридорот 8 и Коридорот 10д да го гради најголемиот светски конзорциум американско-турскиот „Бехтел и Енка“. Процедурата е запазена согласно законот преку управувачки комитет, преку сите процедури и се работи за исклучително законски одработен проект со сите фази како што треба. Таа е пораката и на американската амбасадорка, рече Ковачевски. 

Посочи дека она што се случуваше во изминатиот период беше неаргументирано правење на хистерија против работата на Владата од страна на опозицијата бидејќи, како што рече, таму немаше ниту еден аргумент.

-Вие кога ќе се вратите сега назад и ако погледнете што се изнаслушавме во текот на 30-40 дена ќе гледате дека таму не постои ниту еден аргумент. Тоа се неаргументирани обвинувања. Веќе проектот е започнат со работа. Веќе компанијата работи на екипирање, почна со биомеханички истражувања, веќе ги формираат своите тимови. Јас сметам дека во текот на летото ќе почнат и физички да работи на терен и се работи навистина за проект којшто ќе има 2 проценти ефект позитивен на БДП, 8.000 работни места, 51 процент од финансиските средства според договорот ќе бидат направени преку македонски фирми, што значи дека ќе имаме и зголемена вработеност и на крај ќе резултираат со модерен автопат којшто никогаш го немало, ниту помеѓу Прилеп и Битола го немало, ниту со границата со Албанија. А ако погледнеме кои се најнеразвиените региони во државата тогаш се токму најнеразвиени региони коишто се наоѓаат на Коридорот 8. Североисточниот регион, регионот од каде што јас потекнувам и југозападниот регион каде што ќе се прави Коридорот 8. Двата индустриски центри Битола и Прилеп никогаш меѓу нив не се направи автопат. И да не заборавиме веќе е направена рехабилитација комплетна на патот кај Плетвар, веќе се пробива и вториот тунел кај Фаришка Клисура каде што ќе има експресен пат којшто Коридорот 10д го поврзува со Коридорот 10. Така се гради модерна држава. Модерна и успешна држава не се гради со блокади во Собранието. Две години само блокираат во Собранието без аргументи, рече Ковачевски.  

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го добила Договорот со американско-турскиот конзроциум „Бехтел и Енка“ што го побара како дел од документацијата за предметот што го отвори во однос на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д, по објавите во медиумите околу изборот на надзорот и веќе формирала тим од четворица советници за анализа на предметот. 

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, во одговор на новинарско прашање денеска изјави дека анализата по предметот е во тек, дека тимот е формиран и е составен од четворица советници. фф/нд/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан