• среда, 18 декември 2024

Американскиот натпревар во јадење хот-дог има нов шампион

Американскиот натпревар во јадење хот-дог има нов шампион

Њујорк, 5 јyли 2024 (МИА) - Американскиот натпревар во јадење хот-дог во Њујорк има нов шампион. Патрик Бертолети од Чикаго победи во машкиот дел, со изедени 58 виршли со лепчиња.

- Јас сум во најголемата земја на светот, на најголемиот натпревар за јадење во светот и тоа е совршено... Совршенство!, изјави Бертолети по победата.

За првпат по години, машкиот натпревар мина без неприкосновениот Џои Честнат. Тој не се натпреваруваше поради неговото партнерство со компанија која произведува виршли од растително потекло и соперничи со спонзорот на овој натпревар. Наместо тоа, тој оваа година ќе се натпреварува во Форт Блис, Тексас.

По победникот се пласираа Џефри Еспер од Оксфорд, Масачусетс, и Ник Вери од Тампа, Флорида. Еспер изеде 53, а Веб - 52 хот-дога.

Џои Честнат е 16-кратен шампион и сѐ уште го држи рекордот поставен 2021 година, кога изеде 76 виршли со лепчиња.

Американката Мики Судо постави нов рекорд во женскиот дел на натпреварот за јадење на хот-дог - со 51 изеден хот-дог. И претходниот женски рекорд - со 48 хот-дози, е нејзин.

- Мислам дека ова значи дека женскиот натпревар или, пред сè, нашите лични најдобри резултати само ќе продолжат да одат нагоре, т.е. рекордот ќе продолжи да се зголемува. По 10 години, имам уште да дадам. Сѐ уште не сте виделе сѐ од мене, нагласи Судо.

На второто и третото место завршија Јапонката Мајои Ебихара (37 хот-дози) и Мишел Леско од САД со 23 изедени хот-дога.

Фото: ЕПА

Остани поврзан