• четврток, 07 ноември 2024

Амбасадорот Мерис: Во текот на белгиското претседателство сакаме да постигнеме резултати во проширувањето

Амбасадорот Мерис: Во текот на белгиското претседателство сакаме да постигнеме резултати во проширувањето

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - Белгискиот амбасадор во Северна Македонија, со седиште во Софија, Фредерик Мерис, вечерва на настан во Европска куќа, во организација на Европското движење, ги презентираше приориетите на белгиското претседателство со ЕУ, меѓу кои, како што посочи тој, посебен акцент ќе се стави и на проширувањето. 

-Проширувањето на Унијата е исто така многу важна тема на агендата на белгиското претседателство. Белгија е убедена во стратешката важност на проширувањето. Исто така е убедена дека тоа е процес заснован на заслуги, којшто бара и реформи. Но исто така, во текот на нашето претседателство, сакаме да постигнеме некои резултати во однос на проширувањето, сакаме да имаме преговарачка рамка со Украина и Молдавија, како и меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија, како и отворање нови поглавја со Србија и со Црна Гора, посочи Мерис.

Амбасадорот го спомена и новиот План за раст за Западен Балкан, во којшто, посочи, треба да се финализираат сите финансиски прописи, кои треба да бидат воведени за да тој побрзо се имплементира.

-Потоа ќе работиме на постепена интеграција, а тоа значи, на кој начин секоја земја ќе учествува во процесите на Европската Унија, додека се подготвува да стане полноправна членка. Интенцијата на Белгија за секоја земја, е да може да присуствува на Советот за општи работи што ќе се одржи во април, додека иницијативата на Комисијата е земјите-кандидати да се вклучат во Извештајот за владеењето на правото, а исто така да имаат улога во сите размислувања за иднината на Европа. Ова е наша стратешка визија, и таа стратешка визија треба да се претвори во стратешка агенда, нагласи тој.  

Aмбасадорот ги повтори шестте приоритети во претседавањето.

-Одбраната на единството и демократијата е многу е важно за сржта на ЕУ. Во практична смисла тоа е механизмот на владеење на правото кон кој секоја земја-членка е посветена. Од амбасадорот Гир разбрав дека ЕУ добива заложби и од Северна Македонија и тоа го оценува во своите извештаи за напредокот. Белгија тоа го сфаќа сериозно. Исто така треба да го имплементира акцискиот план за европска демократија кој неодмна беше ревидиран од страна на ЕК.

За Северна Македонија исто така е важно владеењето на правото и демократијата.- Исто така се важни за процесот на проширување, а се разбира Белгија верува во целта на проширувањето, исто така веруваме дека тоа е процес заснован на заслуги и затоа го имаме фундаменталниот кластер за владеење на правото и демократијата и тоа го сфаќаме сериозно, рече тој.

Мерис кажа дека белгиското претседавање се случува во комплексен геополитички контекст, во смисла на продолжената руска агресија врз Украина, ситуацијата во Газа, претходно пандемијата, време кога дезинформациите се многу моќни, енергетска криза, како и, нагласи, многу драматични климатски случувања.

Напомена дека претседавањето со Советот на ЕУ е голема одговорност која бара и голема амбиција.

-Во Белгија наш стратешки интерес е ЕУ и се чувствуваме многу покомотни да ги промовираме нашите национални интереси, внатре во ЕУ како национално, така и регионално. Тоа значи тоа што сме во ЕУ и што нашите интереси се поклопуваат со ЕУ на еден начин ни дава повеќе простор да се бориме за нашите амбиции што сакаме да ги постигнеме. За тоа да биде возможно, мора да соработуваме со нашите европски партнери, а тоа значи со земји коишто можат да го видат поширокото добро односно колективот во ЕУ. Треба да бидеме подготвени, да прифаќаме и да поттикнуваме компоромиси. Белгија беше најпрвата земја која претседаваше со Советот на министри во 1958 и оттогаш има претседавано уште десет пати, рече амбасадорот.

Нагласи дека нивното претседавање ќе го искористат за да придонесат Европа да стане поотпорна, поконкурентна и поефикасна, посочувајќи дека пред европските избори на крајот на мај, ќе се обидат да донесат мноштво закони и одлуки.

-Тука го имаме и Планот за раст во којшто може да учествува и Северна Македонија, а кој дава подобар пристап во внатрешниот пазар на ЕУ и овозможува работа на еднакво рамниште на европско ниво, рече Мерис.

Додаде дека го разгледуваат и прашањето, прашањето на обединета Европа, односно, вели, како да ја направиме Европа да биде силна во светот и да има силен глас во различни области, а тоа е нешто, како што кажа, кон кое Белгија сака да придонесе во време на нашето претседателство.

-И сите овие акценти се пренесени во нашето мото, „Да се заштитиме, да се зајакнеме и да се подготвиме за иднината на Европа“, каква Европа сакаме и како тоа да го претвориме во стратешка агенда. Во трите седмици од нашето претседавање успеавме некои од овие нешта да ги постигнеме. До крајот на април не чека уште тешка работа, но сега засега ни оди многу добро. Во следните месеци треба да одлучиме како да продолжиме со Украина и од каде ќе доаѓаат парите за Украина. Тоа ќе биде многу важна одлука и заедно со таа одлука имавме една техничка, но многу важна одлука како ќе ја финансираме ЕУ во следанта година, дали ќе треба да пренамениме некои средства, од каде ќе доаѓаат парите, од кои инструменти... а тоа исто така е важно за новиот План за развој на Западен Балкан.

Претседателката на Европското движење Милева Ѓуровска, кажа дека во однос на белгиското претседателство, Белгија е меѓу земјите кои одиграа клучна улога во создавањето и развојот на европската соработка од самиот почеток, додека Брисел често се употребува како второто име на Европската Унија, односно место од каде доаѓаат одлуките од ЕУ.

-Нов предизвик на ЕУ е да го продолжи да го гради својот суверентиет во новите геостратешки околности развивајќи го својот внатрешен нормативен систем во новите околности со цврсти определби за владеење на правото и поголема безбедност. Декемврискиот самит на Советот – 2023, го постави во фокусот прашањето за проширувањето давајќи зелено светло за отпочнување на преговори со Украина, Молдавија и Грузија, а Босна и Херцеговина стекна кандидатски стататус. Сепак, крајниот одговор на ЕУ беше дека не треба да се оперира со датуми туку со заслуги. Преговорите можат да траат и долго доколку државите не ги исполнат условите, рече Ѓуровска.

Темата за проширувањето, нагласи професорката, посебно ги засега нашите граѓани во однос на што во документите на Белгисото претседателство се истакнува „Проширувањето на нашата Унија мора да нè направи сите посилни. Затоа, Претседателството е посветено да ги поддржи земјите-кандидати во нивните напори да пристапат во Унијата. Но во врска со проширувањето Унијата ќе треба да се подготви т.е. да ги прилагоди политиките на новите услови, да обезбеди ресурси и структури за одлучување на Унијата во поглед на идните пристапувања“. нд/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан