• среда, 06 ноември 2024

Амбасада на САД во Косово: Сите да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд во врска со новата влада

Амбасада на САД во Косово: Сите да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд во врска со новата влада

Приштина, 27 мај 2020 (МИА) – Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово ги повика сите партии и институции во земјата да ја испочитуваат одлуката што до задутре, 29 мај, треба да ја донесе Уставниот суд во врска со декретот на претседателот на државата Хашим Тачи за мандатирање на кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти за формирање нова влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од американската амбасада за порталот лајми.нет изјавија дека почитувањето на судските одлуки „не е опција“, туку „клучно прашање за косовската демократија“.

- Како што и порано има нагласено Амбасадата, ние веруваме дека е клучно прашање за косовската демократија сите партии и институции да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд, порача американското дипломатско претставништво во Приштина.

Откако пред два месеца, на 25 март, беше изгласана недоверба на Владата предводена од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ), Албин Курти, претседателот на државата му го додели мандатот за формирање нова влада на ЛДК, како второрангирана партија на октомвриските избори.

Тачи неколку пати го повика ВВ да предложи кадндидат за премиер, а откако партијата на Курти не одговори на неговите повици, на 30 април тој  му го додели мандатот на Хоти. Утредента, на 1 мај, ВВ го оспори пред Уставниот суд правото на Тачи да го додели мандатот на која било друга партија, освен на онаа која победила на парламентарните избори.

Курти неколку пати последниве денови порача дека одлуката на Уставниот суд ќе ја почитува „единствено доколку таа е толкување на Уставот, а не негово допишување“. Според тоа како ВВ го толкува Уставот, по изгласувањето недоверба од Собранието, нова влада може да се формира единствено по нови избори, а не и од постоечкиот парламентарен состав.

Партијата на Курти утре, ден пред последниот рок кој го одреди Уставниот суд на Косово за донесување одлука во врска со декретот на претседателот на државата за доделување на мандатот за нова влада, ќе одржи „проба за протест“ во центарот на Приштина, на кој, според најавите од ВВ, ќе учествуваат пет илјади нивни членови и поддржувачи. Таква „проба“ партијата на Курти веќе одржа на 12 мај, но тогаш учествуваа околу 400 лица. иа/

Остани поврзан