Ал Џезира: Израелските сили нападнаа индонезиска болница во Газа, најмалку осум загинати
- Најмалку осум лица загинаа во напад на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во текот на ноќта врз индонезиска болница во Појасот Газа, јави Ал Џезира.
Газа, 20 ноември 2023 (МИА) - Најмалку осум лица загинаа во напад на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во текот на ноќта врз индонезиска болница во Појасот Газа, јави Ал Џезира.
Претходно, телевизискиот канал, повикувајќи се на очевидци, објави дека израелската армија ја опколила индонезиската болница во Газа и ја гранатирала областа.
Главната операциска сала е уништена, изјави болнички извор, додавајќи дека најмалку двајца лекари се повредени.
Медицинскиот тим изјави за Ал Џезира дека болницата била нападната во текот на ноќта без предупредување и дека болничкиот персонал бара итна помош од ОН и Црвениот крст.
Израел претходно ја обвини индонезиската болница дека е база за операции на борците на Хамас, што раководството на болницата го негираше.
Израел започна воздушни напади и копнена операција во Појасот Газа откако палестинската милитантна група Хамас го нападна Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 240 заложници. паг/
Фото: МИА архива