• сабота, 23 ноември 2024

Алијанса за родова еднаквост: Во само 21,3 отсто од компаниите во Северна Македонија имало жени во топ менаџментот

Алијанса за родова еднаквост: Во само 21,3 отсто од компаниите во Северна Македонија имало жени во топ менаџментот

Скопје, 18 март 2024 (МИА) - Мит е дека во македонските компании мажите и жените ги имаат истите можности за лидерство на високи позиции, а факт е дека во само 21,3 отсто од компаниите во Северна Македонија имало жени во топ менаџментот на компанијата, вели Бојана Ѓорѓиева, проектен и маркетинг координатор на Алијанса за родова еднаквост презентирајќи дел од резултатите од кампањата наречена „Мит vs. Факт: Разоткривање на вистината за родовата еднаквост“ по повод Меѓународниот ден на жената. 

Ѓорѓиева рече дека мит е исто така дека мажите и жените делат еднакви одговорности во домашните обврски, а во суштина во Македонија жените вршат 2,8 пати повеќе време на неплатена домашна работа и нега од мажите. Како извор на овие податоци таа ги наведува анализите на Светска банка. 

Целта на оваа кампања на Алијансата за родова еднаквост беше да се разоткријат погрешни размислувања кои се јавуваат на оваа тема и да се истакне реалноста за родовата еднаквост и предизвиците и реалноста со која се соочуваат одредени поединци. 

Нина Ангеловска, претседателка на Алијансата, нагласи дека девојчињата и жените не треба да си додаваат уште една бариера - недостаток на самодоверба. 

-Сите ние кои сме тука верувам дека придонесуваме, меѓу вас има многу примери кои со своето присуство, ширење на енергија, знаење и охрабрување придонесуваат за остранувањето на оваа бариера бидејќи тука навистина можеме да влијаеме. Со самото тоа Алијансата има за цел да придонесе за поголема доверба, рече Ангеловска.    

На денешниов настан во Скопје, Алијансата додели повеќе признанија на жени и компании кои ја поддржуваат нивната работа.

Елизабета Георгиевска, сопруга на актуелниот претседател и кандидат за нов мандат, која доби признание за нејзината поддршка истакна дека кај нас, за жал, освен оние моменти кои секогаш ги потенцираме во смисла не еднакво плаќање на жените, постојат за жал и работи кои секогаш се случуваат, како малолетнички бракови, нееднаквост во образованието и здравствената заштита. - Ќе мора да престанеме со релативизација на наративите дека станува збор за традиционални вредности, за културни норми, за финансиска и здравстевна криза. Во секој случај мораме веднаш и сега да работиме не само ние овде што сме собрани туку системски да се решаваат проблемите, рече Георгиевска. 

Алијансата за родова еднаквост на работното место е формирана од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија и се залага за инклузивна култура, еднаквост и отклучување на моќната синергија помеѓу дигитализацијата, е-трговијата и жените. ев/лв/

ФОТО: МИА

Остани поврзан