• вторник, 02 јули 2024

Алијанса за Албанците: Здравствените власти да не си играат со судбината на лекарите

Алијанса за Албанците: Здравствените власти да не си играат со судбината на лекарите
Тетово, 5 март 2022 (МИА) – Алијанса за Албанците на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово, изрази поддршка на матичните лекари кои преку штрајк алармираа за состојбите во нивната сфера, истакнувајќи дека будно ги следат проблемите на матичните лекари и постојано констатирале дека примарната здравствена заштита е слабо организирана. - Секундарната здравствена заштита е атрофирана и сето тоа има директно и индиректно влијание врз работата на терцијарното здравство, кое се дави во лекување на голем број пациенти со банални дијагнози, што ја отежнува работата на Фондот за здравство и влијае негативно на и онака слабиот буџет на нашиот граѓанин. И покрај ветувањето, Министерството за здравство не остана на зборот за средбата по две недели што резултираше со враќање на штрајкот на матичните лекари, загрозувајќи го здравјето на пациентите и јавното здравје на населението, истакна Беким Татеши од Комисија за здравство на партијата. Тој рече дека во примарната здравствена заштита на државно ниво има 1463 медицински тимови, од кои околу 500 или една третина се на работ на преживување. - Тие практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот лекари/медицински сестри. Членовите на Здружението на приватни матични лекари и специјалисти имаат 6 барања: вредноста на капитациониот бод по пациент да достигне вредност од 95 денари, што со гордост ветуваше владата на СДСМ-ДУИ. Потоа бараат да се прекине казнената политика кон приватните матични лекари заради административни грешки, да се имплементира платформата Е-здравје, каде рецептите на специјалистот и електронските извештаи ќе бидат во програмата клауд, со што значително ќе се намалат трошоците за користење на хартија и принтери. Промени во режимот на препишување терапија од матичниот лекар што би ја олеснила работата на специјалистот и неговата научна работа како и изработка на нова методологија за исплата на услуги и стабилни плати, истакна Татеши. На крајот тој посочи дека Алијанса за Албанците во целина ги прифаќа овие барања, го поддржува нивниот мирен штрајк и се обраќа до здравствените власти да не си играат со судбината на лекарите и што поскоро да формираат работни групи и да ги започнат ветените и долгоочекуваните разговори. ас/сп/

Остани поврзан