• сабота, 16 ноември 2024

Александар Николоски: Ден по изборите ВМРО-ДПМНЕ планира да преговара за формирање нова Влада

Александар Николоски: Ден по изборите ВМРО-ДПМНЕ планира да преговара за формирање нова Влада
Скопје, 5 октомври 2021 (МИА) - Ден после завршувањето на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ планира да преговара за формирање на ново владино мнозинство во Собранието и затоа славењето ќе биде пократко, затоа што ќе ни треба концентрација и енергија уште утредента да ја срушиме оваа Влада, затоа што секој ден плус е плус уништување на Македонија, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на митингот на коалицијата преводена од оваа партија во скопската општина Центар. - После овие избори на 17 октомври и на 31 октомври ќе се случи една работа која што обично не се случува после избори. Обично после избори тие што ќе победат слават, утредента се мамурни, а овие другите плачат, па утредента ги боли глава. Ние планираме ден после 17, ден после 31, да преговараме за нова влада во рамки на Собранието на Република Македонија, изјави Николовски. Тој нагласи дека прашањето коешто треба да се одговори на претстојните локални избори е дали ќе се случат промени. - На овие избори сите вие одлучувате дали ќе продолжи државата да функционира на ваков измамнички начин, да бидеме сведоци на уште поголема корупција, хаос, немање одговорност, немање правда, не решавање на социјалните и економските проблеми, стагнација на државата, експерименти во образованието, уништување на иднината на младите, рече Николовски. Според него, локалните избори се и за проекти и за похумано место на живеење, но пред се „се референдум каде Македонија ќе се движи во следниот период“. Овие избори се референдум дали Македонија ќе престане да се уништува национално и економски или во Македонија ќе продолжи економијата да тоне, корупцијата да цвета, а Македонија економски и национално да пропаѓа. Тоа е прашањето на кое што ќе се одговори и на 17 и на 31 октомври, додаде Николовски. Тој се осврна и на одлуката на премиерот Зоран Заев да не ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, поднесени по пожарот во Модуларната болница во Тетово, оценувајќи дека најголем парадокс е што „за 14 човечки животи не само што нема одговорност, туку има смешни образложенија дека кабелот и полначот за телефон се виновни“. - Да е парадоксот најголем 14 луѓе го изгубија животот онаму каде што одат да си го спасат животот. Значи животот го изгубија во болница. Не го изгубија на улица, не го изгубија во авион, не го изгубија во сообраќајна несреќа, туку го изгубија во болница, каде што отидоа да си го спасат сопствениот живот, но за жал, живи изгореа. И денеска гледаме едни смешни образложенија дека кабелот и полначот за телефон биле виновни за 14 изгубени човечки животи, рече Николоски. Николоски истакна дека денешната одлука на премиерот е само финале на нешто што, како што рече им било јасно од првиот ден дека одговорност за 14 загубени човечки животи нема да има. - И да е парадоксот најголем, одлуката не ја соопшти Зоран Заев како што веројатно би личело. Еден час пред него Артан Груби излезе и кажа дека одговорност нема да има, затоа што во оваа држава премиер не е Зоран Заев, премиер е Артан Груби и тој излезе еден час пред Заев да го соопшти тоа што Зоран Заев го кажа по еден час, веројатно Зоран Заев отишол по сопственото мислење за да знае што да каже на јавноста. И затоа на овие избори мораме да ставиме крај на таа работа, за да има одговорност, за да одговараат тие кои што изгореа 14 живи луѓе, за да престанат да ја горат Македонија, Центар и Скопје, порача Николоски од собирот во Општина Центар, повикувајќи ги граѓаните масовно да излезат на Локалните избори да гласаат за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и независните кандидати поддржани од неа. сп/

Остани поврзан