• понеделник, 23 декември 2024

Акција за озеленување на дворот на новата градинка во Кочани

Акција за озеленување на дворот на новата градинка во Кочани

Кочани, 6 март 2023 (МИА) – Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, Општина Кочани во соработка со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и со детската градинка „Павлина Велјанова“ реализираше акција за хортикултурно уредување на дворот на новата градинка „Детелинка“, во населбата Драчевик.

Во акцијата за озеленување се садеа млади стебла на јасени и туја, а се вклучија деца од градинката, членови Извидничкиот одред „Ластовица“, на Советот на Општина Кочани, претставници на Националната платформа за женско претприемништво, од јавната администрација и од граѓански организации.

– Комбинацијата на поводот, Меѓународниот ден на жената со изборот на локацијата за пошумување и со целта - да се подобри капацитетот на „белите дробови“ во локалната средина, се испраќа порака дека секоја жена треба да биде свесна за засегнатоста од климатските промени, но и за нејзината важна улога во зачувувањето на животната средина, истакна Кристина Атанасова-Арсова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

– Со денешнава активност сакаме да го нагласиме фактот дека секоја нова установа во која се згрижуваат деца овоможува поголем пристап на жените до работа, а со тоа се обезбедува и нивно економско јакнење, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Акцијата за хортикултурно уредување на градинката е дел од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите за 2023 година. та/цр

 

Фото: Општина Кочани

Остани поврзан