Академска слобода под притисок: Харвард и Колумбија се спротивставуваат на федералните мерки
- Претседателот на Харвард, Гарбер, рече дека барањата на сојузната влада да ги ревидира ставовите на своите студенти, наставници и персонал за да се откријат оние со левичарска ориентација кои генерално се противат на администрацијата на Трамп, јасно ги кршат правата на универзитетот на слобода на говор загарантирани со Првиот амандман.

Вашингтон, 15 април 2025 (МИА) - Претседателот на Универзитетот Харвард, Алан Гарбер, во јавно писмо изјави дека оваа приватна високообразовна институција се спротивставува на барањата на американското Министерство за образование, оценувајќи дека тие ги загрозуваат темелните вредности на универзитетот.
– Ниту една влада, без разлика која партија е на власт, не треба да диктира што приватните универзитети можат да предаваат, кого можат да примат и вработат, ниту кои области на студии и истражувања можат да ги спроведуваат – напиша Гарбер.
Изјавата доаѓа како одговор на писмо што Министерството за образование го испратило до Харвард пред четири дена, со кое бара укинување на програмите за разновидност, еднаквост и инклузија, покренување ревизии на повеќе академски оддели, како и проценка на политиките за финансирање. Гарбер нагласи дека ваквите барања претставуваат „притисок надвор од уставните рамки“ и предупреди дека тие се закана за академската слобода и слободата на говор.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп веќе замрзна стотици милиони долари во сојузно финансирање на повеќе универзитети, меѓу кои и Харвард, наведувајќи го како причина неуспехот во борбата против антисемитизмот на универзитетските кампуси. Портпаролот на Белата куќа, Харисон Филдс, изјави дека Трамп „работи на тоа високото образование повторно да стане големо“, со ставање крај на „неконтролираниот антисемитизам“ и осигурување дека даночните средства не поддржуваат расна дискриминација или политички мотивирано насилство.
Минатата недела, група професори од Харвард поднесе тужба против сојузната Влада со цел да се блокира ревизијата на речиси девет милијарди долари сојузни договори и грантови доделени на универзитетот.
Проблемот се продлабочи по минатогодишните пропалестински студентски протести на неколку универзитети, меѓу кои и Харвард и Колумбија, кои беа реакција на израелските напади во Газа по нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година.
И Универзитетот Колумбија се соочува со слични притисоци. Според американски медиуми, администрацијата на Трамп размислува да наметне правно обврзувачки указ со кој Колумбија ќе мора да ги следи сојузните насоки во однос на борбата против антисемитизмот. И таму, дел од академскиот кадар покрена тужба против сојузната администрација. Веќе се прекинати околу 400 милиони долари сојузно финансирање за Колумбија.
Претседателот на Харвард, Гарбер, рече дека барањата на сојузната влада да ги ревидира ставовите на своите студенти, наставници и персонал за да се откријат оние со левичарска ориентација кои генерално се противат на администрацијата на Трамп, јасно ги кршат правата на универзитетот на слобода на говор загарантирани со Првиот амандман.
„Универзитетот нема да се откаже од својата независност и своите уставни права“, напиша Гарбер. Тој додаде дека, иако Харвард презема чекори за решавање на проблемите со антисемитизмот на кампусот, овие цели нема да се постигнат со тврдења за моќ, независни од законот, за да се контролира наставата и учењето на Харвард и да се диктира начинот на кој функционира.
Харвард во јануари се согласи да обезбеди дополнителна заштита за еврејските студенти во рамките на спогодба со која беа решени две тужби што го обвинуваа престижниот универзитет дека станал жариште на антисемитизам. За да ублажи каков било финансиски проблем предизвикан од прекинот на сојузното финансирање, Харвард работи на земање заем од 750 милиони долари од Волстрит. ссм/
фото: архива