• сабота, 23 ноември 2024

Академик Камбовски: Со уставните измени „тропаме на отворена врата“

Академик Камбовски: Со уставните измени „тропаме на отворена врата“

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Академикот Владо Камбовски денеска изјави дека прашањето за уставните измени не заслужуваат толкава бура во јавноста, бидејќи со иницијативата за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот „тропаме на отворена врата“. Тие, потенцира академикот, се внесени во Уставот како заедница затоа што во Преамбулата постои генерална клаузула која зборува и за „други народи односно заедници“.

- Јас мислам дека е потребен дијалог во кој треба некои разумни аргументи. Значи не можеме во овој период да се водиме од страсти или стравувања, конкретно во однос на уставните амандмани. Околу едно прашање кое не заслужува да предизвика таква бура, да речам, и чувствата на луѓето. Еве конкретно за тоа прашање, бидејќи тоа е дел од овој период на обврски што треба да остварат. Па ние со тоа, таа иницијатива всушност за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот тропаме на отворена врата, бидејќи тие се внесени во Уставот како заедница затоа што во преамбулата постои генерална клаузула која зборува за други народи, односно заедници. А во посебните одредби што се однесуваат на правата на припадниците на заедницата, постои потполна изедначеност на сите заедници било тие да се признати или не се признати, истакна академикот Камбовски.

Тој посочи и на меѓународните конвенции кои поаѓаат од ставот дека една заедница, национална, етничка, религиозна..., која и да е, постои со самото свое постоење без оглед дали е призната формално или не е призната во Уставот или во другите акти на државата, бидејќи се работи за права, колективни права итн. 

- Зборот ми е низ еден разумен, трезвен дијалог без политички калкулации, без манипулирање, без непотребен популизам итн... нека се слуша малку мудриот глас на научната јавност и нека се дебатира со аргументи во однос на сите одбрани исклучителни прашања за кои сакаме да дебатираме со аргументи, без некакво политикантство или калкулации што тоа ќе значи за една партија, за друга партија, туку поаѓајќи од еден општ интерес и на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во Република Северна Македонија, рече академикот Камбовски во изјава за медиумите пред почетокот на Конференција за забрзување на процесот за пристапување во ЕУ во МАНУ. ев/сп/

МИА ФОТО: Архива

 

 

Остани поврзан