• петок, 22 ноември 2024

Азески - Ќура: Чекаме да завршат партиските активности, па ќе ги продолжиме разговорите за мерки и поддршка

Азески - Ќура: Чекаме да завршат партиските активности, па ќе ги продолжиме разговорите за мерки и поддршка
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Енергетиката и натаму останува клучен проблем за стопанството, но не помалку важно е и немањето доволно човечки ресурси, односно квалификувана работна сила. Ќе мора што посокоро да се најде решение за компаниите, посебно за микро и малите бизниси кои се во тешка ситуација и трпат големи загуби. Моментно се чека да завршат активностите на политичките партии по што повторно ќе се засили агендата која предвидува консултации и разговори со Владата и останатите релевантни страни, истакнаа претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), Бранко Азески и  претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) Менди Ќура по денешниот работен состанок. Азески и Ќура ја потврдија досегашната соработка и најавија дека ќе продолжат заеднички да ги застапуваат интересите на бизнисот. -И досега сме покажале дека сме на иста бранова должина. Мислам дека нема да има промена во тој дел. Ќе ги застапуваме интересите на бизнисите, фирмите и компаниите и во овие тешки услови. Земјава има свој правец, тоа се евроатлантските интерграции. Моментно чекаме да завршат политичките активности на партиите па ќе продолжиме понатаму. Тераме по агендата, но чекаме да завршат партиските активности па повторно ќе видиме со Владата, истакна Азески, информирајќи за состанокот, но и одговорајќи на новинарско прашање во врска со состојбата на големите компании. Ќура потенцира дека двете комори здружено ќе ги решаваат проблемите на бизнисот. -Енергетиката е приоритет. Тоа е голем проблем. Ќе побараме да се најде решение што побрзо за сите компании, посебно за микро и малите бизниси кои се во тешка ситуација и трпат големи загуби, а за жал има и затворање на дел од нив. Мора да најдеме некаков излез. Но, моментно има и проблеми со човечките ресурси, како и со работната сила. Не можеме да конкурираме на големите економски сили како Германија и Швајцарија, но можеме да најдеме начин да го ублажиме тој дел - нашата работна сила да остен  тука, во земјава. Тука сме да отвориме нова страница и нова ера во нашата соработка, во насока да биде уште подобра и поквалитетна. Имаме исти проблеми и ние и Стопанската комора, но имаме и волја и согласност да настапуваме заеднички и заеднички да ги изнесеме ставовите за големите проблеми на стопанството во последните месеци, изјави Ќура. мч/лв/

Остани поврзан