• недела, 22 декември 2024

Азербејџан побара од МСП да ја отфрли ерменската тужба за етничко чистење

Азербејџан побара од МСП да ја отфрли ерменската тужба за етничко чистење

Баку, 15 април 2024 (МИА) - Азербејџан побара од Меѓународниот суд на правдата (МСП) да ја отфрли тужбата на Ерменија која го обвинува за етничко чистење и кршење на Конвенцијата на ОН против расна дискриминација.

Тужбата е дел од наследството на деценискиот конфликт меѓу двете земји, пред се за Нагорно-Карабах во Азербејџан. Силите на Баку ја зазедоа планинската област во септември минатата година по повеќегодишна контрола од страна на етничките Ерменци, од кои повеќето побегнаа во Ерменија.

Ерменија во 2021 година поднесе тужба за дискриминација до Меѓународниот суд на правдата (МСП), познат и како Светски суд, обвинувајќи го Азербејџан за кршење на Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на расна дискриминација. Таа го обвини Азербејџан дека го велича расизмот против Ерменците, дозволува говор на омраза против Ерменците и дека го уништува ерменски културен имот, што Баку го негира.

Азербејџан потоа поднесе тужба против Ерменија обвинувајќи ја за дискриминација и етничко чистење на Азербејџанците и кршење на истата конвенција. Азербејџанскиот заменик-министер за надворешни работи Елнур Мамадов пред судот изјави дека повеќето од ерменските жалби се однесуваат на вооружениот конфликт околу Нагорно-Карабах и не спаѓаат во Конвенцијата за борба против дискриминацијата.

Заменик министерот ја обвини Ерменија и дека не била чесна во преговорите пред да ја поднесе тужбата до судот. 

-Ерменската тужба ја злоупотребува (конвенцијата) и се обидува да ја избегне нејзината обврска да се обиде да го реши спорот со Азербејџан преку преговори пред да оди на суд, рече тој.

Ерменија ќе ги презентира своите аргументи утре. Во ноември, судот издаде вонредни мерки со кои му наложи на Азербејџан да им дозволи на етничките Ерменци кои избегаа од Нагорно-Карабах во септември да се вратат.

Ерменија го обвини Азербејџан за етничко чистење. Азербејџан тврди дека ветил дека ќе обезбеди безбедност за сите жители, без разлика на националното и етничкото потекло, и дека не ги принудил етничките Ерменци да го напуштат Нагорно Карабах. Расправите се однесуваат само на правни оспорувања на јурисдикцијата на МСП и нема да навлегуваат во основаноста на наводите за дискриминација. Конечната одлука може да потрае со години и МСП не може да ја наметне својата пресуда. сд/

Остани поврзан