Агенции на ОН добиле прашалник од САД да се изјаснат дали имаат антиамерикански уверувања
- Прашалникот им бил доставен на некои од најголемите хуманитарни организации во светот, како што се Агенцијата на ОН за бегалци и Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Агенциите на ОН стравуваат дека потегот на ОМБ е знак дека САД планираат целосно да се повлечат од хуманитарната работа или дури и од Обединетите нации.

Њујорк, 15 март 2025 (МИА) - Агенциите за пружање помош на Обединетите нации добиле прашалник од САД во кој се бара да наведат дали имаат „антиамерикански“ верувања или припадности.
Помеѓу 36-те прашања на формуларот испратени од Канцеларијата за менаџмент и буџет на САД (OMB), во кои увид имал Би-Би-Си, едно прашање е дали тие имаат некаква врска со комунизмот.
Прашалникот им бил доставен на некои од најголемите хуманитарни организации во светот, како што се Агенцијата на ОН за бегалци и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Агенциите на ОН стравуваат дека потегот на ОМБ е знак дека САД планираат целосно да се повлечат од хуманитарната работа или дури и од Обединетите нации.
САД веќе ја напуштија Светската здравствена организација, и тоа уште на првиот ден од вториот мандат на Доналд Трамп како претседател на САД.
Американскиот државен секретар Марко Рубио неделава објави дека се суспендирани огромно мнозинство од програмите на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).
Анкетите покажуваат дека повеќето Американци веруваат дека нивната земја троши премногу за странска помош.сд/
фото:МИА архива